Со приближувањето на празниците, многумина од нас планираат патувања, оставајќи ги своите домови празни.
Но, токму во овој период, несаканите посети од провалници стануваат почести.
Затоа, важна е претпазливоста и преземањето на мерки за заштита на домот.
Празничен период – златна можност за провалниците
Согласно податоците од МВР, бројот на кражби значително се зголемува во време на празници.
Провалниците често ги таргетираат празните домови, користејќи ги дури и јавните објави на социјалните мрежи како извор на информации за тоа кога семејствата се отсутни.
„Минатата година за Божик го оставивме домот празен неколку дена и, за жал, се вративме во хаос. Провалниците ни ја украдоа техничката опрема и накитот. Оваа година ќе бидам многу повнимателна“, изјави Даниела Јовановска од скопската населба Ѓорче Петров.
Што треба да направите?
Безбедносните експерти советуваат дека една од најчестите грешки кои луѓето ги прават е претераното споделување информации за своите планови.
„Провалниците денес често користат социјални мрежи како извор на информации. Затоа, мој совет е да не објавувате дека ќе патувате или дека сте далеку од дома. Друга важна мерка е да се обезбедат вратите и прозорците со дополнителни механизми за заштита, како што се безбедносни брави или алармни системи“, објаснуваат безбедњаците.
Практични совети
Еве неколку совети кои можат да помогнат да го заштитите вашиот дом:
Симулирајте присуство: Користете тајмери за светилки кои автоматски ќе ги вклучуваат и исклучуваат светилките во различни периоди од денот.
Побарајте помош од соседите: Добрососедските односи се од клучна важност. Побарајте од соседите да го проверуваат вашиот дом, да собираат пошта и да обрнат внимание на необични случувања.
Избегнувајте да го најавувате отсуството: Ниту поштарите, ниту други сервиси не треба да бидат информирани за вашето отсуство.
Осигурете го домот: Доколку сте во можност, инвестирајте во камери за надзор и алармни системи кои се директно поврзани со безбедносни служби.