Со цел да докажат дека прават нешто во поглед на безбедноста на своите најмлади корисници, големите платформи и социјални мрежи неодамна презентираа различни опции и новитети наменети токму за тоа – заштита на децата. Istragram воведе профил за тинејџери кој овозможува поголема родителска контрола врз профилите на малолетниците, на безбедноста на својата апликација работеше и Snap, кој ја лансираше опцијата Family Center, а неодамна пишувавме и за безбедносните мерки кои ги воведе Roblox, иако не се сите задоволни со тоа што го направија.
Мерки поврзани со заштитата на младите корисници сега најавија од TikTok. Во наредните недели оваа мрежа има намера да им забрани на лицата под 18 години да користат филтри за убавина кои имаат негативно влијание врз тинејџерите, особено кај девојчињата. Имено, по користењето на вакви филтри, кои дигитално им го разубавуваат лицето, некои млади имаат негативен поглед на нивниот реален изглед и веруваат дека се поубави кога се филтрираат на овој начин. Користењето на таквите филтри врши притисок врз тинејџерите, ја губат самодовербата и стануваат анксиозни, а имаат и проблеми со менталното здравје.
Со цел да се избегнат вакви ситуации во иднина, TikTok повеќе нема да дозволува малолетници да користат филтри како на пр. Bold Glamour, но употребата на некои филтри како во цртаните филмови, каде што на човечките лица се додаваат уши од зајаци или кучешки нос, нема да биде забранета.
За оваа забрана да биде навистина ефективна ќе зависи од тоа дали децата ја користат мрежата со нивната реална возраст или ако ја лажирале својата возраст на социјалната мрежа, што не е невообичаено.
Затоа TikTok најави дека дополнително ќе го подобри системот за блокирање на корисници кои се уште немаат 13 години. Иако не им е дозволено да ја користат оваа мрежа, многумина едноставно ги заобиколуваат овие правила и се претставуваат како да се постари од 13 години. До крајот на годината оваа платформа ќе започне со тестирање на нов систем базиран на машинско учење кој треба да ги идентификува луѓето кои користат лажни информации за години.
Според The Guardian, TikTok отстранува дури 20 милиони вакви сметки ширум светот секој квартал, а со споменатиот систем се надеваат дека ќе можат полесно и побрзо да ги идентификуваат и да ги отстрануваат таквите профили. Во случај на грешки, секогаш постои можност за жалба на одлуката.
Промените што ги воведе TikTok, а претходно беа објавени од други платформи, се резултат на усвојувањето на построги регулативи во областа на Европската унија и Велика Британија.