Странските работници во Хрватска не смеат да имаат помала плата од хрватските. Ова е предвидено со новиот закон.
„Со измените законот се усогласува со европското законодавство, а премиерот Андреј Пленковиќ посочи дека сака подобро и посистематски да ја регулира правната рамка со цел „на правилен начин да се реагира на феноменот на поголем број странски работници кои доаѓаат во Хрватска“. Со законот ќе се регулира статусот и заштитата на странските работници, како и надзорот на агенциите кои дејствуваат како посредници и ги носат во Хрватска“, рече премиерот.
Лани се поднесени 286.000 барања за дозволи за престој и работа, за 22 отсто повеќе од 2023 година, а издадени се 206.529 одобренија што е за 210 отсто повеќе од 2020 година кога биле издадени 66.655.
Најголем дел од нив се издадени во секторите градежништво, туризам и угостителство, индустрија, транспорт и врски и трговија.
Од вкупниот број издадени дозволи, 132 илјади се издадени за нови вработувања, речиси 57 илјади за продолжување и 17,5 илјади одобренија за сезонски работници, најмногу во туризмот и угостителството. Во 2024 година, најголем број дозволи за престој биле издадени на државјани на Босна и Херцеговина (38.100) и Непал (35.635), потоа на Србија (речиси 28.000), на Индија (20.000), на Филипините (14.600), на Македонија (нешто помалку од 14.000), Узбекистан (7.000) и Египет (7.000).
Извор: faktor.mk