
Децата во Македонија генерално со мобилен телефон во рака поминуваат по 7-8 часа, односно колку што трае работното време на еден работник. Ова време може да се искористи продуктивно, со активности кои ќе донесат личен раст и развој на младите. Oд Првата Детска Амбасада во Светот Меѓаши објаснуваат дека децата треба што помалку време да поминуваат со мобилните телефони.
„Можат да практикуваат, почнувајќи од наједноставните активности како пешачење, трчање, играње, спорт, танц па сè до цртање, сликање, пишување или свирење на музички инструменти, се разбира согласно индивидуалните афинитети на децата и младите. Замена на читање на е-книга со физички достапна книга, која ќе им помогне да ја развијат фантазијата, но и да го продлабочат знаењето за одредени теми...Излегување со пријателите, волонтирање, учество во активистички клубови и/или помош и поддршка на социјално загрозени семејства, се дел од активностите кои Детската амбасада ги промовира со своето долгогодишно работење“, велат од Меѓаши.
Објаснуваат дека толку долго седење на телефон или било кој друг електронски уред може да има негативни последици кај децата и младите, како на психички така и од физички аспект.
„Екранизмот, или зависноста од екрани, е појава која станува сè почеста кај децата и младите, и е нешто за кое зборуваме во јавноста подолг временски период. Премногу време поминато пред екран може да води кон проблеми со спиење, намалена физичка активност, социјална изолација и проблеми со видот. Покрај тоа, преголемата изложеност на содржини на социјалните мрежи независно дали станува збор за Тикток, Инстаграм, Снепчет или Јутјуб, Нетфликс и слично, може да има негативно влијание врз менталното здравје кај децата и младите, креирајќи искривена слика за реалниот свет следејќи ги светските трендови, притоа предизвикувајќи анксиозност која понатаму може да доведе до појава на други нарушени состојби“, додаваат од Меѓаши.
Советуваат за децата да се ограничи времето поминато на електронските уреди (телефон, лаптоп, компјутер..), колку тоа и да им звучи трагично и невозможно. Различни студии покажуваат дека преголемата изложеност на социјалните мрежи може да предизвика чувство на незадоволство и недостиг на самодоверба, додека долгото седење пред екраните може да предизвика болки во грбот, очите, главоболка и слично.
„Предолгото време поминато на електронските уреди може да го намали времето кое децата го поминуваат во директни социјални интеракции со семејството, пријателите, соучениците.. што може да влијае на учењето и стекнувањето на социјални вештини и врски, намалена концентрација и внимание, кои пак во подоцнежниот развој можат да се појават како пречка во комуникацијата не само со пријатели и познаници туку и со колеги, соработници и слично. Токму затоа, важно е да се постават граници и да се најде баланс помеѓу времето поминато на електронските уреди и времето посветено на активности кои ќе го подобрат менталното, физичкото и социјалното здравје. Улогата на родителите е клучна во ово момент, кои преку отворен разговор и меѓусебно разгледување на предностите и предизвиците со кои може да се соочат децата со прекумерната употреба на телефон, ќе им објаснат дека има многу други можности за личен развој и подобро здравје од употребата на телефонот, па на тој начин и заеднички да го ограничат времето и да се држат до истото. Училиштето исто така игра клучна улога во развивањето на креативни методолошки пристапи, кои можат да се употребат во текот на наставните процеси за да се намалат негативните влијанија од употребата на телефоните. Овие пристапи вклучуваат интерактивни образовни програми и активности кои промовираат критичко размислување и соработка помеѓу учениците. Наставниците/чките можат да користат работилници, дискусии и дебати, како и практични задачи и научни експерименти и игри, за да ги ангажираат учениците и да ги поттикнат на активно учество и интеракција, наместо на употребата на телефоните. Овие активности не само што го подобруваат учењето, туку и ги развиваат меѓучовечките вештини и креативноста на учениците“, велат од Меѓаши.
И претходно лекарите објаснуваа дека децата кај нас веќе имаат одредени здравствени проблеми поради долгото седење пред компјутери или на телефони. Дел од децата, за пишување на домашни задачи, може да имаат потреба да пребаруваат нешто на интернет, но тоа секако не е активност која ќе трае со часови.