
Пожарите на депониите се значаен извор на аерозагадување, а за жал, ова е честа појава во многу градови, особено во летните месеци. Ова загадување е исклучително опасно бидејќи, покрај согорувањето на органска маса, се палат и пластика, хемикалии и други токсични материи. Димот од овие согорувања е многу поштетен од оној што настанува при согорување на дрво. Решавањето на проблемот со депониите и воспоставувањето санитарни депонии на регионално ниво е неопходно за одржливо управување со отпадот, смета проф. д-р Дејан Мираковски, раководител на лабораторијата Амбикон.
Според достапните извештаи, во Македонија постојат околу 50 активни нестандардни комунални депонии (ѓубришта) кои работат без дозвола, како и над 2.000 нелегални депонии. Единствената депонија која ги исполнува стандардите според Националната стратегија за управување со отпад (2020-2030) е „Дрисла“, која му служи на Скопскиот регион.
Ниту една општинска депонија не ги исполнува условите за санитарно работење и заштита на животната средина. Голем дел од отпадот се одлага без никаков претходен третман на нестандардни депонии, често во отворени простори, на падини или крај реки. Индустрискиот, медицинскиот и комуналниот отпад често се мешаат и не се отстрануваат на соодветен начин. Во руралните средини, отпадот неретко се исфрла во околината на населените места, создавајќи илјадници диви депонии во каменоломи, јами, речни корита и покрај патишта.
Нелегалните депонии сериозно го загрозуваат здравјето на луѓето и екосистемите. Според проценките, годишно се губат околу 1.300 животи поради аерозагадувањето. Три главни групи на болести се поврзуваат со ова загадување: рак на белите дробови, мозочни удари и срцеви заболувања. Покрај директното загадување на воздухот, депониите имаат негативно влијание врз биодиверзитетот и водните ресурси.
„Депониите претставуваат сериозен проблем бидејќи не се соодветно конструирани. Немаат правилно набивање, покривање и системи за контрола, што често доведува до пожари. Овие пожари создаваат опасен аерозагадувачки дим, кој содржи штетни честички од согорени пластики и хемикалии“, предупредува проф. д-р Мираковски.
Во 2023 година, Македонија произвела 350.833 тони комунален отпад, што изнесува околу 460.710 кубни метри. Во просек, секој жител на Северна Македонија генерирал 334 kg или 0,43 m³ отпад. Доколку на ова се додадат 417.753 m³ опасен отпад (или 3.751 тон), кој се создава при ископување и обработка на минерални суровини, вкупната количина отпад значително се зголемува.
За да се спречи еколошката и здравствената катастрофа, неопходно е системско решавање на проблемот со депониите. Потребно е воспоставување санитарни депонии на регионално ниво, како што е предвидено, со цел осигурување на одржливо управување со отпадот. Без итни мерки, депониите ќе продолжат да бидат главен извор на токсично аерозагадување со сериозни последици по здравјето на граѓаните и животната средина.