
Германскиот автомобилски гигант објави дека минатата година продал рекорден број колбаси. Но истовремено, продажбата на автомобили опаѓа. Овие две вести сведочат за популарноста на каривурстот и кризата на најважната гранка на германската индустрија.
Каривурст е култна улична храна во Германија – колбас со посебен кечап и многу кари, а кромидот и помфритот одлично се вклопуваат.
Каривурстот е подеднакво легендарен и во работните мензи на автомобилскиот гигант Фолксваген, па така не чуди тоа што Фолксваген одамна почнал да продава колбаси во супермаркетите.
Како што беше соопштено, минатата година концернот со седиште во Волфсбург продал 8,5 милиони порции колбаси во триесетина кантини и киосци, како и во супермаркети. Тоа е околу двесте илјади повеќе во споредба со 2023 година, која исто така беше рекордна година, пренесе Дојче Веле.
Истовремено, минатата година биле продадени само 5,2 милиони возила со логото на Фолксваген.
Ако е некаква утеха, кога ќе се избројат сите брендови кои припаѓаат на концернот – Шкода, Сеат, Ауди, Порше, Ламборгини – продадени се девет милиони примероци, што е сепак повеќе од бројот на колбаси. Но, дури и таа бројка падна за 2,3 отсто во споредба со претходната година.
Остар пад на профитот
Исто така соопштено е Фолксваген минатата година заработил 12,4 милијарди евра, што за нив е скандалозен пад од 30 отсто.
Причина за падот на профитот е големиот пад на кинескиот пазар, како и големите инвестиции, на пример во новата фабрика на Ауди во Брисел.
Вработените со колективен договор засега може да ги радува тоа што сè уште добиваат бонуси за минатата година по 4.800 евра, а истите ги добиваат околу 120.000 вработени во Германија.
Раководните лица на концернот некако „ќе преживеат“ со милионски плати, а според пишувањата на агенцијата дпа, за оваа и за следната година се откажуваат од околу единаесет отсто од примањата.
Проблемите допрва следуваат, бидејќи Фолксваген кон крајот на минатата година, покрај големите протести на вработените, па дури на политичарите, најави дека ќе укине 35.000 работни места во Германија до 2030 година. Ова е прв пат во историјата автомобилскиот гигант да отпушта луѓе.
Ова е знак и за падот на германската автомобилска индустрија, која и понатаму е извозен мотор на целата економија. Но, конкуренцијата станува се посилна, особено во полето на електричните автомобили, а глобалните бизниси исто така страдаат од царинските војни кои сега повторно ги иницира Доналд Трамп.
Нема проблеми за каривурстот
Што се однесува пак до колбасите, најавено е дека Фоксваген планира да воведе нови сорти на колбаси во кантините, како и во супермаркетите главно во Долна Саксонија, покраината каде што се наоѓа Волфсбург
Освен тоа, ова веќе не е шега. Кога пред неколку години го повлекоа каривурстот од една од нивните десетици кантини, се крена огромна медиумска прашина. Дури и поранешниот канцелар Герхард Шредер, кој секогаш се претставуваше како човек од народот, се огласи за да ги потсети луѓето дека колбасот е „работничко чоколатце за сила“.
Инаку Фолксваген започна со производство на каривурст уште во 1973 година. Го произведува месарница основана од концернот. Каривурстот има дури и производствен број, исто како и секој дел од автомобилот. Тој број е 199.398.500 А.
Извор: tocka.com.mk