
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека од април ќе биде исплаќана законски предвидената минимална плата, односно околу 2 200 денари повеќе од сегашната најниска плата.
Тој додаде дека доколку во наредните месеци се постигне спогодба меѓу работниците и работодавачите за поголем износ, ќе бидат извршени законски измени и дополнително усогласување.
„Денеска имаме владина седница, разговарав со министерот за економија, ќе поминеме информација. Согласно Законот мислам дека минималната плата ќе се зголеми на ниво од 24.400, така е според Законот.“, кажа Мицкоски
Премиерот напомена дека во моментот нема репрезентативен синдикат во Економско-социјалниот совет, и дека е формирана комисија која ќе ја утврди репрезентативноста.
„Се надевам дека наскоро тие што ќе бидат репрезентативни претставници на работниците заедно со работодавачите ќе постигнат консензус, а ние тој консензус ќе го почитуваме. Ако се договарат за поголема сума, ќе го промениме Законот и ќе навлеземе во дополнително нивелирање“, потенцираше Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по поставувањето на камен-темелникот на мега-паркот во Радишани.