
Ако вашето омилено кафе исчезнало од полиците, не грижете се – наскоро ќе се врати. Лошата вест е дека ќе биде поскапо и до 25%.Големите преработувачи на кафе, како што се Lavazza, Illy, Nestlé и JDE Peet’s, моментално преговараат со трговците на мало за зголемување на цените поради двојното поскапување на суровите зрна арабика во изминатата година, според осум извори од индустријата.
Цените на суровата арабика нагло пораснаа поради четири последователни сезони на недостиг. Неповолните временски услови го отежнаа одгледувањето на доволно зрна за да се задоволи побарувачката на потрошувачите.
Како одговор, преработувачите бараат зголемување на цените, но супермаркетите се спротивставуваат, одложувајќи ги новите договори за набавка до тој степен што некои останаа без залихи. Пример за тоа е најголемиот холандски синџир супермаркети Albert Heijn, кој остана без производи како Douwe Egberts и Senseo. Производите се вратија на 20 март, но по повисоки цени.
„Набавните цени на JDE значително пораснаа. Ќе преземеме дел од ова зголемување за да ги задржиме производите достапни,“ изјави портпаролот на Albert Heijn за „Ројтерс“.
Колку ќе пораснат цените?
Светските цени на арабика се зголемија за над 20% оваа година, по рекордниот пораст од 70% минатата година. Бразил, најголемиот светски производител на арабика, се соочи со една од најлошите суши досега.
Според Рег Вотсон, директор за истражување во холандската банка ING, ако минатогодишниот пораст на цената на суровото кафе целосно се преслика врз малопродажните цени, тоа би значело зголемување од 28% за потрошувачите. Тој предвидува дека реалното зголемување ќе биде меѓу 15% и 25%.
Во земјите каде што валутите значително ослабнаа во однос на американскиот долар, зголемувањата се уште поизразени. Бразил, вториот најголем потрошувач на кафе во светот, забележа поскапување на кафето на рафтовите за 40% во минатата година. Тамошниот најголем преработувач 3 Coracoes ги зголеми цените на преработеното кафе за 14.3% во март, откако претходно ги покачи за 11% во јануари и 10% во декември.
Потрошувачите веќе штедат
Како одговор на растот на цените, потрошувачите почнаа да штедат. Претседателот на Бразилската асоцијација на кафе-преработувачи, Павел Кардозо, истакнува дека луѓето веќе го намалуваат непотребното трошење: „Ако порано правеа големо термос кафе за целото семејство и фрлаа што ќе остане, сега го намалуваат отпадот.“
Истражувањето на пазарната агенција Nielsen покажува дека продажбата на мелено кафе во Северна Америка и Европа опаднала за 3.8% минатата година, додека цените пораснале за 4.6%. Со очекуваните уште поголеми поскапувања оваа година, овој тренд веројатно ќе продолжи.
Додека некои компании го префрлаат зголемувањето на трошоците директно врз потрошувачите, други бараат начини да го ублажат ударот. Производителот на Folgers, J.M. Smucker, кој снабдува американски трговци како Walmart и Target, очекува пад на продажбата откако повторно ќе ги зголеми цените оваа година, изјави неговиот финансиски директор, Тукер Маршал.
Борба за потрошувачите
Покрај зголемените цени, преработувачите на кафе се соочуваат со конкуренција од приватните брендови на супермаркетите, кои нудат поевтини алтернативи. Податоците од американската агенција Circana покажуваат дека приватните брендови на кафе ја зголемиле својата пазарна застапеност за 13% помеѓу 2021 и 2024 година.
Големите преработувачи се во тешка позиција – или ќе апсорбираат дел од трошоците со надеж дека потрошувачите ќе продолжат да купуваат, или ќе ги зголемат цените за да ги заштитат профитните маржи. Сепак, тоа ќе значи удар врз профитот, што не ги поштеди ниту големите ланци кафетерии како Starbucks, кој е помалку погоден бидејќи суровите зрна кафе сочинуваат помалку од 2% од цената на едно кафе во кафеана.
Додека преработувачите и трговците се обидуваат да го најдат балансот, многу складишта во близина на пристаништата во САД се полупразни, бидејќи купувачите на кафе купуваат минимални количини во обид да избегнат дополнителни загуби.
Со оглед на сите овие фактори, едно е јасно – кафето останува секојдневен ритуал за милиони луѓе ширум светот, но наскоро тој ритуал ќе стане значително поскап.
Извор: racin.mk