
Сингапурскиот универзитет за технологија и дизајн предвидува дека епидемијата на коронавирус во Македонија ќе заврши на 16 јуни оваа година- пишува 360 Степени
Во анализата спроведена во глобални рамки, нивната иновативна Лабораторија за проучување податоци проектира дека ковид-19 на светско ниво ќе биде актуелен најдоцна до 1 декември 2020 година, по што се очекува да стивне.

На веб-страницата на Универзитетот се прикажани проекции за голем број држави. Тие се базирани на математички модел наречен SIR (сомнителен-заразен-закрепнат) кој, според истражувачите, дава континуирана и предвидлива насока за развојот на заразата.

Шефот на оваа лабораторија на Сингапурскиот универзитет, професорот Џуангси Луо, вели дека преку востановениот модел за процесирање на податоците може да се процени кривата на животниот циклус на пандемијата и да се предвиди кога таа би завршила во одделни земји и во светот.

Според податоците за Македонија, се предвидува 97-процентно завршување на епидемијата на 13 мај, 99-отстотно на 22 мај, а во целост, ковид-19 на територијата на нашата држава ќе го снема до 16 јуни.
Кај нашите соседи и во земјите од регионот, од коронавирусот најбрзо ќе се ослободи Хрватска, за која предвидениот краен рок е еден ден пред Македонија – 15 јуни. Во Србија ќе трае до 23 август, а во Грција до 11 јули. Според ова сценарио, најдолго со ковид-19 ќе се бори Албанија, каде што како датум кога ќе заврши заразата е посочен 7 октомври.
Во анализата, сепак, се предупредува дека нејзината содржина е наменета за научни и истражувачки цели и дека е можно да е подложна на грешки.
„Секое предвидување, по природа, е неизвесно. Читателите мора да бидат претпазливи. Преголемиот оптимизам за некој од предвидените датуми е опасен бидејќи може да резултира со појава на недисциплинирано однесување и да предизвика значително зголемување на вирусот“,
велат од Сингапурскиот универзитет за технологија и дизајн.
Извор.360 Степени