Vrabotuvanje.com - ПОВТОРНО РАСТАТ ЦЕНИТЕ - најголеми поскапувања статистичарите утврдија кај транспортот и храната
Share
Tweet
Share
Send to friend

ПОВТОРНО РАСТАТ ЦЕНИТЕ - најголеми поскапувања статистичарите утврдија кај транспортот и храната

ПОВТОРНО РАСТАТ ЦЕНИТЕ - најголеми поскапувања статистичарите утврдија кај транспортот и храната

Инфлацијата во земајва останува висока и покрај преземените мерки изминатиот период. 

Најновите податоци на Државниот завод за статистика откриваат дека на годишно ниво инфлацијата достигнува дури четири проценти. 

- Индексот на трошоците на животот во март 2024 година, во однос на март 2023 година, бележи зголемување од 4 проценти, додека пак индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,8 отсто - се наведува во соопштението на ДЗС.

Од друга страна, статистика регистрираше раст на цените и на месечно ниво. 

Имено, инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2024 година, во однос на февруари 2024 година, изнесува 0,9 отсто. 

Зголемувањето на инфлацијата во март 2024 година, во однос на февруари 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во повеќе категории. Статистичарите утврдиле дека најголеми поскапувања има во групите транспорт за 3,1 процент, потоа храната и безалкохолни пијалаци за 1,3 отсто, разновидни стоки и услуги за 0,6 проценти. 

Поскапување има и кај категориите рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,5 отсто, облека и обувки за 0,2 проценти, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици, домување, вода, електрика, гас и други горива, здравје и комуникации за 0,1 отсто. 

- Во март 2024 година, во однос на февруари 2024 година, намалување на трошоците на животот е забележано во групата мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,1 процент. Трошоците на животот во групата образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец - соопштуваат од Државниот завод за статистика. 

извор: faktor.mk

We use cookies to enhance your experience. By continuing to visit this site you agree to our use of cookies. Learn more