Vrabotuvanje.com - Кемниц, Нова Горица и Гориција се културните престолнини за 2025, Скопје се подготвува за 2028
Share
Tweet
Share
Send to friend

Кемниц, Нова Горица и Гориција се културните престолнини за 2025, Скопје се подготвува за 2028

Градската власт во Скопје распиша јавен повик за избор на независни стручни лица, членови на телото „Скопје ЕПК 2028“, чија цел е водење, спроведување и координација на активностите што произлегуваат од оваа престижна титула. Инаку, Европската Унија секоја година избира градови кои ќе бидат Европска престолнина на културата, а овој статус им овозможува да го покажат она најдоброто од културната специфичност на секој од избраните локации и држави

Кемниц, Нова Горица и Гориција се културните престолнини за 2025, Скопје се подготвува за 2028

Три града се прогласени за европски престолнини на културата за наредната 2025 година Кемниц во Германија, Нова Горица во Словенија и Гориција во Италија, а деновиве и македонската метропола Скопје, иако до 2028 кога ќе ја носи оваа титула има доволно време, ги интензивира подготовките со цел градот на солидарноста да го претстави своето културно наследство на европска и светска сцена во најдобро светло. Градската власт распиша јавен повик за избор на независни стручни лица, членови на телото „Скопје ЕПК 2028“, чија цел ќе биде  водење, спроведување и координација на активностите што произлегуваат од оваа престижна титула. Овој повик е отворен за учество за физички лица со живеалиште на територија на град Скопје, кои имаат значително искуство во една или повеќе области, со кои ќе придонесат за успешна реализација на „Скопје 2028“ во различни области на уметноста, издавачка и библиотечна дејност, музејска дејност и промоција на културно наследство, креативни индустрии…

Скопје ја поднесе кандидатурата за европска престолнина на културата во 2018. Инаку, Европската Унија секоја година избира градови кои ќе бидат Европска престолнина на културата, а овој статус им овозможува да го покажат она најдоброто од културата. Иако Македонија не е членка на ЕУ, сепак на 20 септември лани, Европската комисија во Брисел по поднесените и разгледани  апликации, му даде доверба на Скопје во конкуренција со Будва, Црна Гора.

Во овој капитален проект за секој град и држава од Европа се вложува со години однапред, но и по завршувањето на манифестацијата. Затоа, Градот и Владата на презентацијата во Брисел, кога Скопје ја доби титулата, ги изложија заедничките ставови за соединување на сите инфраструктурни и кадровски капацитети, како и потребните средства за исполнување на барањата на европските стандарди.  Целта е успешна презентација и афирмација на културните, општествените, економските и туристичките вредности на градот и земјава пред светот. Препознавајќи ја суштината, вредноста, но и тежината на оваа титула, Владата, преку Министерството за култура, се обврза и на безрезервна поддршка, и финансиска и кадровска и инфраструктурна, како и сите национални установи и институции на културата, да бидат во служба на ʼСкопје 2028ʻ.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, минатиот месец беше и во дводневна работна посета на Ливерпул, Обединето Кралство, каде се сретна со градоначалникот на овој град Стив Ротерам и претставниците на културните институции, во насока на добивање на информации за искуствата во организирање на еден ваков настан. Градоначалникот Ротерам ја искажа и својата подготвеност да помогне во организацијата на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“, а министерот Љутков тогаш изрази уверување дека Скопје успешно ќе се справи со предизвикот во 2028 да биде добар домаќин и да ја оправда оваа престижна титула. Токму во наредните години градските власти и државата ќе требаат да работат на искоренување на проблемите со кои во моментот се соочува градот, како нехигиената, загаденоста на воздухот, прекумерната урбанизација и застареноста на објектите од областа на културата.

Во 2028 покрај Скопје и Ческе Будјејовице од Чешката Република, титулата ќе ја понесе и градот Бурж од Франција. Според правилата на Европската комисија, во 2028 три града ја носат титулата европски престолнини на културата, односно два од ЕУ и еден град од земја надвор од Европската Унија, од земја-членка на ЕФТА/ЕЕА, земја кандидат или потенцијален кандидат за членство во ЕУ.

Инаку, конкретно за наредната 2025 година, титулата беше доделена на помалку познати, но исклучително интересни дестинации, Кемниц, Нова Горица и Гориција, чии културни иницијативи ќе ја одразуваат заедничката историја, но и силата на европската интеграција.

Сместен во германската сојузна покраина Саксонија, градот Кемниц е познат по својата богата индустриска историја и важната улога за време на Индустриската револуција. Поради ова наследство често го нарекуваат „Манчестер од Саксонија“, но минатото на овој град не било воопшто едноставно. Денес, покрај историските споменици како градби во арт нуво стил, можат да се видат и монументални советски споменици, меѓу кои се издвојува оној посветен на Карл Маркс.

За разлика од Кемниц, кој носи тешко индустриско и политичко наследство, Нова Горица и Гориција претставуваат единствен културен мост помеѓу две различни традиции. Сместени на границата на Словенија и Италија, овие два града споделуваат многу повеќе од нивната географска положба. За време на Студената војна, границата меѓу нив беше цврста, а денес тие се градови кои ја симболизираат силата на европската интеграција и соработка.

Овие три града совршено ја претставуваат различноста на европската културна сцена, а секој од нив носи специфични предизвици и богати традиции.

Инаку, иницијативата Европски престолнини на културата (ECOC) е дизајнирана за да се подвлече богатството и различноста на културите во Европа, промовирање на културните карактеристики што ги споделуваат Европејците, зголемување на чувството на припадност на заедничкото културно подрачје на европските граѓани и поттикнување на придонесот на културата во развојот на градовите. 

Извор: vecer.press

 

We use cookies to enhance your experience. By continuing to visit this site you agree to our use of cookies. Learn more