Vrabotuvanje.com - Како да заштедите струја во зима?
Share
Tweet
Share
Send to friend

Како да заштедите струја во зима?

Како да заштедите струја во зима?

Со растечките цени на електричната енергија и поголемата потрошувачка во зимскиот период, многу граѓани се соочуваат со предизвикот да ги намалат своите сметки за струја. Експертите велат дека со мали промени во секојдневните навики може значително да се намали потрошувачката на енергија.

Користете ефикасни уреди и рационално греење
 
„Еден од наједноставните начини да ја намалите потрошувачката на струја е да користите енергетски ефикасни уреди“, вели Милан Савевски, експерт за енергетска ефикасност. Уредите со енергетска класа А+++, додава тој, трошат до 30% помалку енергија во споредба со постарите модели.

Кога станува збор за греење, Савевски препорачува рационално користење на клима уредите и термопечките.

„Температурата во домот треба да биде оптимална – околу 21°C во дневните простории. Прекумерното загревање не само што троши повеќе струја, туку е и непотребно“, вели тој.

Паметно користење на апаратите

Друг клучен совет е да ги исклучувате уредите од струја кога не ги користите.

„Дури и уредите во мирување – како телевизорот или полначите за мобилни телефони – трошат енергија. Ова е познато како ‘вампирска енергија’, и може да се избегне со едноставно исклучување на уредите од штекер“, додава Савевски. Машината за перење и садоперот користете ги само кога се полни, а пеглата и шпоретот користете ги во временски блокови за да избегнете дополнително загревање.

Едноставни домашни промени

Една од најчестите грешки што ја прават граѓаните е да ги оставаат светлата да светат без потреба.

„Препорачливо е да користите ЛЕД светилки, кои трошат до 80% помалку струја од обичните светилки“, објаснува експертот. Исто така, изолирањето на прозорците и вратите може значително да ја намали потребата за дополнително загревање.

Едукативни програми за граѓаните

„Малите промени во секојдневните навики можат да доведат до значителни заштеди“, потенцира Савевски.

Важно е, посочува тој, граѓаните да бидат информирани за начините како да ја намалат потрошувачката на струја. „Локалните самоуправи и енергетските компании можат да организираат едукативни програми за ова“, вели нашиот соговорник. Со спроведување на овие едноставни промени, не само што ќе ги намалите трошоците за електрична енергија, туку ќе придонесете и за заштита на животната средина.

Извор: denar.mk

We use cookies to enhance your experience. By continuing to visit this site you agree to our use of cookies. Learn more