Ковид-пасошите ќе се користат сè додека Светската здравствена организација (СЗО) не објави крај на пандемијата на Ковид-19, а авиокомпаниите ќе можат да ги користат при качуивање на патниците на летот, изјави европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс.
„Ние сакаме да осигураме дека граѓаните и земјите-членки имаат алатка што им дава одредена доверба, на која надлежните органи можат да се потпрат, за да го олеснат слободното движење на лицата“, рече Рејндерс во Комитетот за граѓански слободи на Европскиот парламент, претставувајќи го предлогот на Комисијата за воведување на ковид-пасошите.
Рејндерс им го презентираше на членовите на Комитетот предлогот објавен од Комисијата кон средината на минатиот месец. Дигиталните т.н. „зелени сертификати“ треба да го олеснат безбедното слободно движење на луѓето за време на пандемијата од Ковид-19.
Зелениот сертификат ќе обезбедува информации преку QR-код за тоа дали неговиот носител е вакциниран, тестиран или прележал коронавирус.
Рејндерс рече дека тие сертификати може да се користат и за влез во авион. Многу компании сега бараат негативен тест од своите патници.
Најавено е и дека дигиталните т.н. зелени сертификати, ќе бидат издавани за сите вакцини против Ковид-19, а граѓаните на трети земји исто така ќе може да ги имаат.
Комесарот рече дека целта е дигиталните сертификати да започнат да се користат пред крајот на јуни. Европскиот парламент треба да гласа за регулативата на својата пленарна седница од 7 до 10 јуни.
Извор : https://info.mk/