Американската академија за филмска уметност и наука го објави списокот глумци и познати личности кои ќе бидат домаќини, т.е. доделувачи на 93-та свеченост на Оскарите на 25 април, во „Долби театарот“ во Лос Анџелес.
Меѓу нив се ѕвездите Харисон Форд, Бред Пит, Хали Бери, Рене Зелвегер, Хоакин Феникс, Лора Дерн, но и режисерот Бонг Jун-хо, чијшто филм „Паразит“ ја освои наградата за најдобар филм лани, соопштија организаторите на церемонијата. Водител на доделувањето на Оскарите ќе биде Глен Вајс – познат по ваков тип настани, но со помош и на режисерот Стивен Содерберг, кој е одговорен за продукцијата.
Академијата објави дека 93-та свеченост традиционално ќе се одржи во „Долби театарот“, но ќе вклучува и приклучувања од други места. Испратено е писмо до сите номинирани со барање за физичко присуство на доделувањето.
„Ќе се обидеме да обезбедиме пријатна и безбедна вечер за сите што ќе бидат физички присутни, како и за милионите обожаватели на филмот ширум светот… Тестовите за коронавирус ќе се прават на лице место“, се вели во соопштението.
Оваа година, „Манк“ на Дејвид Финчер со Гери Олдман во главната улога е, можеби, главен фаворит за „Оскарот“, со најмногу – вкупно 10 номинации.
Извор: https://mk.tv21.tv/