Трендот за заминување на работа надвор не запира. Иако за време на пандемија интересот е опаднат, сепак доста граѓани чекаат повик за да заминат.
Од компаниите за посредување на работа во странство велат дека во земјава има околу 1.200 лица кои работеле како морнари на брод и кои поради пандемијата се вратени тука. Во меѓувреме, околу 300 нови луѓе аплицирале и чекаат повратен одговор за да заминат на брод. Сепак, од компаниите за работа во странство очекуваат во следниот период овие бројки да бидат многу поголеми и поради подобрување на состојбата, но и поради добите понуди за работа.
“Реално ние очекуваме овој број драстично да се зголеми во периодов што следи, бидејќи самата Cruises индустрија нуди многу привилегии кои ретко се наоѓаат на друго место во светот. Кога го велам ова, пред сѐ мислам на бесплатното сместување и храна, гарантираното напредување во кариерата и секако солидно високите плати”, вели за „Денар“ Зоран Кочоски, сопственик на компанијата Коузон.
Истакна дека во периодов поради пандемијата интересот за заминување општо за во странство е многу намален. Тоа главно се должи на стравот и несигурноста поради тоа што секаде е криза.
“За време на изминативе 12-13 месеци од пандемијата скоро и да нема заминување во странство. Исклучок се само оние кои имаа работни договори со странски компании и ЕУ пасоши. Реално тој број е многу мал. Знаете дека и во ЕУ државите изминативе шест месеци фирмите скоро и да беа затворени и дека немаше никакво барање на нова работа сила”, додава Кочоски.
Според податоците, сѐ уште најголем интерес за заминување на работа надвор има за Германија. Но тука се и Австрија, Италија, Англија, Шведска и Малта.
Најголем дел од оние кои заминуваат, се млади до 30 години, но расте интересот и кај младите брачни парови кои најчесто бараат иселување. Овие лица најмногу сакаат да заминат во Германија, Шведска, Норвешка, Канада, Автралија и Нов Зеланд.
Сепак според Кочевски, проблем е што голем процент од барателите на работа во странство мислат дека можат да работат сѐ и бараат високи плати.
“Реално, без соодветни квалификации и работно искуство, а посебно без познавање на странски јазик, многу тешко се доаѓа до солидно платени работни позиции. Да споменеме дека со македонски пасош, тешко се добиваат работни визи за ЕУ, ако реално немате доказ дека сте професионалец и немате активен работен договор со компанија од државата во која сакате работно да мигрирате”, појаснува Кочоски.
Интересот за работа во околните земји, пак, е намален. Бројките покажуваат дека во периодот од 2002 до 2015 година имало повеќе од 7.000 сезонски работници од земјава во Грција, Црна Гора, Хрватска, Словенија и дел во Бугарија, но последниве години во соседстото на печалба одат по 1.000 македонски сезонски работници. Кочоски објаснува дека со заострување на законските регулативи во овие држави речиси се затворени можностите за сезонска работа таму. Единствено остана можноста за Хрватска, каде во 2019 година на сезонска работа заминале околу 900 македонски граѓани. Сепак, ниту во следниот период не се очекуваат значајни промени за работа во околните држави.
Извор : https://denar.mk/