До крајот на годината, српските туристи во хотелите во Охрид и Струга ќе имаат попусти од 20 отсто.
Само во шпицот на сезоната од 15 јули до 15 август, дел од хотелите кои не можат да понудат попуст од 20 отсто, ќе дадат попуст од 10 отсто. Крсте Блажески од ХОТАМ вели дека оваа мерка е со цел да се заблагодариме на Србија која многу помогна во процесот на имунизација, да му се помогне на домашниот туризам, и да ги задржиме српските гости кај нас. Дополнително, додава дека предност е тоа што голем дел од српските граѓани се вакцинирани, а во интерес на сите е да имаме безбедна летна сезона.
„Најголем дел од хотелите ќе понудат попуст од 20 отсто. Српските туристи овој попуст ќе можат да го искористат летово, но и до крајот на 2021 години, односно ќе можат да добијат попуст и за Нова година. За тоа кој хотел колкав попуст нуди, ќе можат да проверат на веб страниците на хотелите, но и кај агентите доколку планираат да дојдат преку туристичка агенција. На располагање се 20.000 легла, и нормално дека дел од нив ќе бидат пополнети со домашни гости. Ова лето очекуваме дека ќе има исполнетост над 90 отсто, ако продолжи овој тренд да паѓа бројот на заболени, и доколку не се случи некој нов бран“, рече Блажески.
Од 15 јуни до 15 август, српските граѓани нема да плаќаат патарина во земјава. Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски, договорија летово српските туристи во Дојран да добијат попусти во туристичко-угостителските објекти и бесплатен паркинг. На пат за Грција, многу од српските туристи го посетуваат и Дојран. Во меѓувреме, се преговара и со други општини за попусти. Пред пандемијата, секој квартал по неколку илјади српски туристи ја посетуваа Македонија. Заедно со Турците, тие беа најчести гости. Србија во неколку наврати донираше вакцини за Македонија, а илјадници македонски граѓани примија вакцина во Србија.
Извор : https://faktor.mk/