Не е точно дека угостителските објекти во неделите ќе работат само една смена, изјави денес министерот за економија Крешник Бектеши, појаснувајќи ги новите построги законски правила кои се предложени за работењето во неделите.
Работењето на угостителските објекти, како што појасни Бектеши, е регулирано со Законот за угостителска дејност.
„Значи, угостителските објекти ќе работат согласно постоечките законски одредби, а таму не е предвидено да се направат измени што се однесува до недела неработен ден“, рече Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на прес конференцијата за заем од Светска банка за проекти во образованието и за енергетска ефикасност.
Тој исто така рече дека Предлог-законот за трговија е веќе објавен на ЕНЕР и во него се предвидува трговските центри и трговците поединци да работат во неделите, а дополнително треба да плаќаат дневница повисока за 100 отсто од она што редовно го плаќаат, како и да уплатуваат два отсто од приходите што ги остваруваат во неделите трговските центри и бензиските пумпи во делот на нивните маркети. Тие средства ќе се уплаќаат во државната каса и ќе се користат за изградба на градинки.
Инаку, за оние што ќе ги прекршуваат законските одредби што се однесуваат на работењето во недела предвидени се и санкции, во Законот за работни односи, а дополнително и Пазарната инспекција согласно Законот за трговија, ќе може да врши контрола во делот на исплата на дневници, што не беше случај до сега имајќи во предвид дека таква контрола согласно законите можеше да ја води само Инспекторатот за труд.
Извор. Независен