Откако почна пандемијата на коронавирусот, беше турбулентно и за дадилките кои се грижат за чување и воспитување на деца
Прво останаа без работа, затоа што родителите користеа дел од мерките на Владата, и можеа да бидат дома и самите да се грижат за своите деца, а потоа повторно се појави потреба од ангажирање на дадилки поради затворањето на градинките. Сега чекор по чекор работата се враќа во нормала, иако градинките не работат сo полн капацитет како претходно. Дека се бараат дадилки може да се види и од огласите на интернет. Најголема потреба од ангажирање на жени за чување на деца има во главниот град.
„Луѓето кои работат од дома, посебно оние кои работат за странски фирми имаа потреба од дадилка да се грижи за децата, за да можат тие воопшто да работат. Бидејќи сме во време на пандемија, имаше и некои посебни услови, во смисла родителите бараат дадилката да живее блиску, да не патува со јавен превоз, а беше зима и тоа беше малку потешко. Сега е веќе полесно, времето е топло и дадилката може и со велосипед да отиде до работа“, вели Сања Аризанов, претседателка на Здружение на граѓани Македонска асоцијација на дадилки Скопје.
Таа објаснува дека луѓето обично бараат дадилки кои веќе имаат свое дете или пак имаат искуство со чување на деца, со цел полесно да се адаптираат. Меѓу дадилките кои се нивни членови има млади на возраст од 20 години, но и повозрасни.
„Кај нас 80 до 90 отсто од луѓето бараат дадилки кои се на возраст од 30, 35, до 55 или максимум 60 години. Додека ако се работи за странци, тие немаат предрасуди и даваат шанса и на младите“, додава Аризанов.
Во Здружението на граѓани Македонска асоцијација на дадилки Скопје има 117 членови, од кои мнозинството се од главниот град, а дел се од внатрешноста. Половина од нив имаат работен ангажман. Но, Аризанов вели дека дадилките не се формално вработени и тоа е проблем за нив и за државата, затоа што и тие спаѓаат во сивата зона.