Oколу 40 илјади дози од вакцината „Астра Зенека“ преку механизмот Ковакс се очекува да пристигнат денеска во земјава, а веќе утре треба да бидат испорачани 100 илјади вакцини од кинески „Синофарм“, кои се донација од кинеската армија. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека одлука за промена на старосната граница за вакцинирање со „Астра Зенека“ и од новата пратка, како што рече, 24 илјади се наменети за ревакцинација, додека останатите дози се за новопријавените граѓани над 70 години.
„Продолжуваме да ставаме акцент на постарите граѓани кои дополнително се пријавени после пресекот од 30 април, кога беа пријавени вкупно околу 140 илјади граѓани. Сега се вкупно околу 160 илјади граѓани. Околу девет илјади од овие дополнително пријавените се граѓани над 70 години и со нивниот опфат околу 42 проценти од вкупно население над 70 години ќе бидат вакцинирани“,
изјави Филипче.
Во однос на реакциите зошто некои помлади граѓани успеале да се вакцинираат порано, Филипче објаснува дека имало општини каде што за кратко време завршила вакцинацијата на повозрасното население и се направила дискрепанција која ќе се надмине.
„На почетокот на оваа недела одлучивме дека таа граница ќе биде 40 години, и оние помлади од 40 ќе почекаат нешто повеќе. Значи, помладите кои успеале да се вакцинираат е зашто во општината, односно во пунктот веќе била исцрпена бројката на вакцинирани постари граѓани“,
додаде Филипче.
Филипче порача дека е рано за укинување на мерката да се носат маски на отворено, а сѐ уште ќе има ограничување и за ревакцинираните граѓани. Во однос на различните соеви на коронавирусот регистрирани во земјава, Филипче изјави дека доминантен останува британскиот сој, а другите се само изолирани случаи, како јужноафриканскиот сој, кој е детектиран кај граѓанин од Делчево кој патувал често бидејќи како работел како возач на камион.