Податоците од Министерството за здравство покажуваат дека Ковид-19 дефинитивно се смирува во Македонија. Во главниот град, кој изминатите месеци, кога беше налетот на третиот пролетен бран на корона вирусот, беше рекордер по бројот на активни случаи, сега има само 1025, а во повеќе градови во земјава бројот на активни случаи е едноцифрен. Според дел од експертите, ваквите бројки се должат и на вакцинацијата која се одвива непречено на целата територија на Македонија, но сметаат дека во земјава и се создаде колективниот имунитет бидејќи голем е бројот на граѓаните кои се заразија со вирусот.
Дека инфекцијата на корона вирусот полека спласнува, покажуваат и податоците од еден од најголемите ковид-центри во земјава, ГОБ „8 Септември“, каде што сега на дневна основа се прегледуваат само околу 40-тина пациенти суспектни на корона вирусот. Директорот на оваа здравствена установа, д-р. Христијан Костов, се надева дека никогаш повеќе нема да се случи таков налет на болни од Ковид-19, кога на сите одделенија практично и немаше слободен болнички кревет.
-Во инфективната амбуланта овие денови се вршат прегледи на околу 40-тина пациенти во текот на денот кои имаат симптоми на вирусот, додека во тријажниот центар има само околу 20-тина прегледи. За споредба само, во текот на пролетниот бран, февруари, март, април, но и во текот на изминатата година, тука дневно се прегледуваа и по 160 пациенти. Во болницата немаше празен болнички кревет, и повеќе од 90 проценти од хоспитализираните беа најтешките пациенти кои имаа потреба од постојана поддршка од кислород. Овие бројки даваат надеж дека навистина епидемиолошката состојба се смирува. Сега имаме само 50-тина лежечки пациенти, а во нормална функција се сите одделенија, како и хируршките сали каде се прават интервенции на нековид пациенти. Прв пат по 14 месеци, здравствените работници од ГОБ „8 Септември“ почнаа некаде од кај 10.мај да ги користат годишните одмори. Иако се уште не е до крај завршена, ова беше борба со натчовечки напори за спасување животи, вели за Фактор директорот Костов.
Смета дека крајот на пандемијата исклучиво зависи од вакцинацијата, но и од дисциплината на граѓаните, зошто, како што посочува, ваквите охрабрувачки бројки не смеат да бидат поттик за целосно опуштање.
-Сведоци сме на тоа што се случуваше изминатава година. Опуштањата и непочитувањето на мерките речиси и да го парализираа здравствениот систем. Овие добри бројки не смееме да дозволиме повторно да се претворат во лоши бројки. Важно е граѓаните да сфатат дека целосен излез е имунизацијата, зошто и досега се покажа дека секоја вакцина е подобра од инфекцијата со корона вирусот. Во ГОБ „8 Септември“ во изминатиов период има само мал број на случаи кои побараа помош после вакцинацијата. Доаѓаат обично со лесна алергиска реација, покачена температура, стерс, по што им е даден совет и соодветна терапија. Но, нема ниту еден посериозен случај, посочува д-р Костов.
Инаку, според податоците од Министерството за здравство, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 224.336 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.958 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 6.940 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 42.831 граѓани. Со последните бројки 46 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 39 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.