Стојан П. работи како ѕидар веќе 12 години. Половина од досегашниот работен стаж го поминал во Германија, каде до почетокот на пандемијата заработувал околу 3.500 евра месечно. Во родниот Штип се вратил заедно со голем број Македонци, откако се затвориле градилиштата на коишто работеле.
Тој очекува дека границите повторно ќе се отворат кон крајот на летото и сигурен е дека ќе биде меѓу првите кои ќе продолжат да работат во странство. Очекувањата се дека во август од земјата ќе заминат голем број градежни работници.
Ваквата ситуација не е нова и трае со години. Во странство сè помасовно заминуваат фасадери, армирачи, ѕидари, асфалтери, општи работници, водоинсталатери, електричари. Нивната одлука, не треба никого да зачудува ако се земе предвид фактот дека работат во екстремни временски услови (жешко, студено, ветровито) и тоа за плата која е далеку под просечната во земјата.
Платите на овие работници во Македонија тапкаат во место, додека во Европа тие се барем три пати поголеми. За работа во странство се подготвуваат и градежните инженери и архитектите кои и покрај завршениот факултет, но и работењето во секакви временски услови имаат месечни примања во износ од околу 30.000 денари.
Актуелната ситуација на теренот ќе станува уште полоша и Македонија ќе се соочи со сериозен дефицит на овие кадри.
Како неприфатлив го посочува фактот дека работниците во градежниот сектор во просек заработуваат по 20.000 денари месечно, и тоа со вкалкулиран минат труд, додатоци на плата и прекувремени часови.
Сосема е разбирлива желбата да се замине за странство и да се заработи повеќе за себе и за семејството.
Досегашниот индиферентен однос на државата и градежните компании е последица на ставот дека македонските градежници лесно можат да се заменат со работници од Кина или од Индија.
Предвид треба да се земе и фактот дека речиси половина од градежните работници не успеваат да дочекаат пензија, а останатите мака мачат да го преживеат месецот поради исклучително ниските пензии.
извор: biznisinfo.mk