На 5 јуни, 15 294 средношколци ќе го полагаат првиот екстерен испит од државната матура – мајчин јазик, кој е задолжителен за сите кандидати. Шест дена подоцна ќе бидат тестирани и за вториот екстерен испит, кој е изборен. Минатата година матурата не беше организирана поради пандемијата, но годинава ќе има државна матура, а Државниот испитен центар (ДИЦ) е во завршни подготовки да ги реализира испитите и во ковид-услови.
Има и здравствен протокол, според кој треба да се одвиваа испитите. За таа цел се вакцинира наставниот кадар што ќе го надгледува тестирањето. Матурантите кои за време на испитите имаат коронавирус или се во изолација, ќе може подоцна да полагаат. За нив се овозможени дополнителни термини на 25 и 28 јуни, со приложување потврда до училишните комисии.
Скратени се и испитните програми за предметите опфатени со матурата (екстерни и изборни) што, покрај намалувањето на бројот на екстерни испити од три на два, беше, исто така, меѓу барањата на Средношколскиот сојуз и прифатено од Владата во февруари.
Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот (вториот) екстерен испит. Тие што нема да ја положат матурата во јуни , ќе имаат втора можност во август – термините се 11 август за првиот екстерен и 13 август за вториот екстерен испит.
Годинава матурантите имаат два интерни испити наместо еден. Истите ќе бидат организирани до крајот на јуни, откако учениците ќе завршат со полагањата, по 11 јуни училиштата сами ќе направат распоред за нивното полагање.
извор: www.slobodenpecat.mk