БДП се намали за -1.9% на годишна основа во првиот квартал од 2021, вели анализата на Finance Think објавена денес. Оваа состојба се должи на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери.
„ Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14.500 МКД по работник“ и еднократната парична помош за ранливи групи граѓани – ја задржаа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0.4%). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2021, намалување од -2.2%). Инвестициите забележаа остар пад (-16.6%), што е рефлексија на воздржаноста од преземање позначајни потфати, но надворешната трговија покажа знаци на подобрување (раст на извозот од 8.6% и на увозот од 2%), што делумно се должи и на ослабувањето во текот на првиот квартал лани (ниска споредбена основа). На производната страна, најголем дел од дејностите се на или блиску до нивото од К1-2020, со исклучок на преработувачката индустрија која забележа пад од 6.2%,“ покажуваат резултатите од направената анализа.
Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 16% од претходните 16.1% (К4-2020), додека, вработеноста забележа понатамошно благо зголемување, од 46.8% на 47.1%, што упатува на стабилизација на пазарот на труд. Нема понатамошна пасивизација на активното население која беше интензивна во вториот и третиот квартал од 2020, но нема ниту позначајни знаци на реактивирање.
Во првиот квартал, транспортот, хотелиерството и услугите со храна, и другите услужни дејности изгубиле вкупно околу 9,500 работни места споредено со К4-2020, што е во линија со карантините и наметнатото затварање во пикот на третиот бран од пандемијата.