Пред да заминете на патување или на летен одмор, најверојатно си го поставувате прашањето дали е подобро со себе да носите готовина или сите плаќања да ги извршувате со платежна картичка. Најмногу заради лична безбедност, не е најсреќна опција носење готовина со себе. Од друга страна, користењето на платежни картички ги поедноставува сите трансакции и плаќања, без оглед на тоа дали се наоѓате во ресторан, кафуле, продавница или подигнувате пари од банкомат.
Пред да заминете на одмор, информирајте се во банката од којашто имате картичка, дали се нудат одредени поволности за плаќање со картичка во странство. Дебитните картички овозможуваат плаќање и подигнување готовина до висина на средствата што корисникот ги има на сметка, а одредени банки дозволуваат и користење на дозволен минус при престој во странство.
Доколку се земе предвид провизијата за користење платни картички, поповолно е да се користи картичка во продажниот објект, односно плаќање преку POS терминал. При директно плаќање со дебитна картичка најчесто не се наплаќа провизија, но во случај кога постои, таа е значително пониска од провизијата за користење банкомат. Пред самото плаќање, корисникот треба да провери дали во тоа продажно место има тип од картичката што ја поседува. Тоа најчесто може да се утврди преку налепници поставени на продажниот објект. Ако трансакцијата се врши во момент кога платниот промет не функционира (навечер или во текот на викендот), банката го прави задолжувањето за износ во денарска противвредност по курс што е важечки за тој ден. Со други зборови, доколку во меѓувреме има промена на девизниот пазар, односно до пад на вредноста на денарот, средствата што ќе бидат симнати од сметката на корисникот ќе бидат повисоки од оние што претходно беа резервирани.
Во случај корисникот да ја изгуби својата картичка во странство, важат истите правила како тоа да се случило во својата земја, односно веднаш да се извести банката што ја издала сега веќе изгубената картичка за да може да се блокира и да не се дозволи нејзина злоупотреба.
извор: biznisinfo.mk