Преку 150.000 граѓани ќе бидат опфатени со законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на граѓаните во услови на КОВИД-19 чиј предлог-текст е усвоен на денешната владина седница. Законот ќе овозможи граѓаните да ја исплатат само главницата на долгот на повеќе рати.
Државните органи и јавните институции опфатени со законот, како и УЈП, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата за секој граѓанин во рок од 90 дена од влегување во сила на законот. Потоа, најдоцна за 15 дена ќе треба да ги известат физичките лица – нивни должници со јавна објава на официјалните веб страници, преку медиуми или на друг начин.
-Со законот се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати по основ на долгови на физички лица кон државните органи и јавните институции и даночни долгови, како и репорограмирање на галвниот долг и трошоци на физичките лица кои доспеале за плаќање заклучно со денот на влегување во сила на овој закон, истакна премиерот.
Ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнетото плаќање или неплаќање на долговите, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите. Законот ги опфаќа пред се посиромашните. За потсетување, овој закон беше вклучен во петтиот пакет мерки.
извор: novatv.mk