Нешто над 166 милиони евра со картички потрошиле македонските граѓаните лани во странство. Сумата е за дури 122 милиони евра помала од таа во 2019 година, што секако се должи на фактот дека минатата беше година на пандемија на коронавирусот па патувањата беа речиси целосно ограничени. Сепак и од овие пари не сите се потрошени надвор, затоа што голем дел отпаѓа на пазарење преку интернет од странски фирми. Падот на трошењата надвор се огледа и во направените трансакции, па така ако во 2019 година со картички издадени во Македонија во странство се реализирани 8.366.358 трансакции, во 2020 година биле 5.727.733.
Корона кризата го направи живеењето поразлично, па човештвото се соочи со предизвикот да се зачува здравјето, но кризата значеше и економски последици кои се рефлектираа во сите национални економии. Поради ограничувањата, страдаа цели сектори, а патувањата беа сведени на минимум. Сепак македонските граѓани трошеле со своите картички, како дома, така и надвор. Од вкупно 166 милиони евра колку што „симнале“ од сметките, само за плаќања во странство, и покрај ограничувањата, најголем дел се пари потрошени на физички места за продажба односно на пос терминали во странски земји. Така од македонски картички се потрошени 81 милион евра во над 2,8 милиони трансакции.
На виртуелни места за продажба односно преку интернет потрошени биле 62,3 милиони евра, а реализирани се 2,7 милиони трансакции. Со македонски картички се повлекувале и пари како готовина на странски банкомати а така се извадени 22,8 милиони евра. Ако се анализира по земји најмноги пари завршиле во Ирска, каде сме „оставиле“ 12,7 милиони евра. Следува Србија, каде од македонски картички биле потрошени 11,5 милиони евра, па Унгарија со 10,3 милиони евра. Следни се САД и Германија.
извор: faktor.mk