Од утре се укинува роамингот за телефонски разговори, СМС пораки и интернет меѓу Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина. Првата фаза од спроведувањето на договорот почна во 2019 година, кога цената на роамингот беше намалена и за над 80 проценти, а од утре стартува втората фаза и целосно укинување на роамингот.
Почнувајќи од утре се предвидува напуштање на дополнителното тарифирање за роаминг услугите, односно се воведуваат цени за роаминг услуги исти како цените на електронските комуникациски услуги на домашниот пазар (Roaming Like At Home). Тоа значи дека корисниците на роаминг-услугите во земјава од утре нема да доплаќаат повисоки цени од домашните тарифни модели за користење на роаминг-услугите кога ќе патуваат во останатите пет земји, без разлика дали станува случај за користење на интернет, говор или СМС. Влезниот повик во роаминг ќе се третира исто како и влезниот повик во домашниот пазар односно без дополнителен надомест за корисникот.
Донесените мерки придонесоа за намалување на цените за роаминг услугите во просек од 83 процент до 99 проценти уште во првата година од примената споредено со претходните цени на малопродажните роаминг услуги во земјите на Западен Балкан. Користењето на роаминг услуги под вакви поволности е регулирано со политики за фер користење и одржливост, пропишани од Агенцијата за електронски комуникации. Целта е да се отстранат можностите за залоупотреба, како и да се задржи одржливоста во финансиското работење на операторите.
извор: iportal.mk