Oд денеска се укинува роамингот меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.
Тоа значи дека цената на услугите за СМС-пораки и телефонски повици ќе биде иста како дома, но користењето на интернет-услугите надвор од државата нема да биде бесплатно без ограничување. Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) за МИА потврдиле дека се завршени сите чекори за разговори, пораки и пренос на податоци без тарифирање во роаминг.
Регионалниот договор за роаминг беше потпишан во април 2019 година во Белград во рамки на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан. Следен чекор се активности за укинување на цените во роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
Државава има потпишано одделни меморандуми за намалување на цените на роаминг услугите и со Грција и со Бугарија, но тие не се стапени во сила.