Македонија е 99-та земја во светот по увоз на козметички препарати за убавина и производи за нега на кожа. Во 2020 година се увезени козметички препарати во вредност од 16.975.000 долари, што е за 8,9% помалку во однос на 2019 година. На глобално ниво, увозот на козметички производи достигна 64,2 милијарди долари во 2020 година, што е за 2,5% повеќе во споредба со 2019 годинa.
Петте најголеми увозници на козметика во светот (Кина, Хонгконг, САД, Сингапур и Макао) опфаќаат 53,4% од вкупниот увоз на козметика во светот.
Кина минатата година на увоз на козметика потроши 17,3 милијарди долари, што е 27% од вкупниот увоз. Меѓу најголемите увозници на козметика лани беа и: Хонконг (7,2 милијарди долари), САД (4,5 милијарди долари), Сингапур (2,9 милијарди долари) и Макао (2,4 милијарди долари).
Од земјите во регионот, најголем увоз на козметика има Грција со 213,9 милиони долари, по што следат: Хрватска (152,3 милиони долари), Словенија (92,7 милиони долари), Бугарија (80,3 милиони долари), Србија (67,8 милиони долари) и Босна и Херцеговина (39,7 милиони долари).