Со износот од 2.400 денари којшто Министерството за образование и наука од октомври ќе го уплаќа на студентите за субвенциониран оброк ќе може да се плаќа кај кој било трговец. Средствата ќе се уплаќаат директно на трансакциска сметка на студентите кои ги исполнуваат законските услови. Од таму појаснуваат дека оваа новина е предвидена поради пандемијата и евентуалните рестриктивни мерки на есен.
„Сега мерките се релаксирани и угостителските објекти работат, но не знаме што ќе се случува во наредните месеци кога можеби ќе имаме нови рестриктивни мерки, а токму тогаш студентите ќе ги добиваат средствата. Затоа со законските измени овозможуваме ова право да се оствари независно од пандемијата и оброците да се обезбедуваат и од продавници“, велат од МОН.
Првично усвоеното законско решение предвидуваше средствата да се користат исклучиво во угостителски објекти. Но, со предлог закон е направена измена – средствата да се користат и во продавници, а препораката е да бидат наменети за набавка на храна.