Предлог Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на ковид-19 предвидува репрограмирање на главниот долг на 12 рати и негова отплата од 1 јануари 2022 година.
Тоа се главно долгови за вода, ѓубретарина, водарина, станарина, данок на имот…За приватните компании, како на пример ЕВН, телекомите и слично има само препорака да постапат на истиот начин.
Законот за отпис на камати на граѓаните, кој е дел од петтиот пакет антикризни мерки дојде во Собранието. Ќе се носи по скратена постапка и ќе влезе во сила осмиот ден по објавувањето во „Службен весник“, но првите ефекти ќе можат да се видат дури есеноска, веројатно од октомври, зашто претпријатијата и органите кои треба да отпишат долгови имаат рок од 90 дена да ги направат пресметките, а потоа уште 15 дена да ги известат граѓаните должници.
Во предлог-законот е наведено дека како долгови ќе се сметаат оние обврски кои настанале заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон. Под даночен долг се подразбира доспеан неплатен долг од данокот на личен доход, данокот на имот, данокот на наследство и подарок, данокот на промет на недвижности, данокот на добивка, данок на додадена вредност, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување со камата за задоцнето плаќање пресметана до денот на влегувањето во сила на овој закон, како и трошоците за нивна наплата.
Граѓаните кои пред стапувањево сила на законот платиле дел од долгот или каматите нема да можат да бараат поврат на парите. Доколку пак е платен целиот главен долг, ќе им се отпише каматата.
По сила на овој закон државните органи и јавните институции се задолжуваат во рок од 90 дена од денот на неговото влегување во сила да го утврдат главниот долг, трошоците и каматата, а потоа најдоцна за 15 дена да ги известат граѓаните кои им должат. Можат објавата да ја дадат на својата официјална веб- страница, да ги известат преку телевизија, радио или на друг начин на јавно информирање. Значи, граѓаните должници немаат обврска сами да се јавуваат таму каде што должат туку да чекаат да бидат повикани за да си ги намират обврските на рати без камата.
Кога е во прашање даночниот долг не треба да се плашат од извршители. Од денот на влегување во сила на законот ќе се прекине извршувањето на решенијата за присилна наплата и решенијата за одложено плаќање на даночен долг и преземањето на дејствија за наплата на долг. Ќе престане и пресметката на каматата за задоцнето плаќање согласно Законот за даночна постапка. Исто така, на листата на должници што ја објавува УЈП ќе ги нема имињата на физичките лица.
За плаќање на долгот на рати како краен рок ќе се зема последниот ден од месецот, а за задоцнето плаќање на месечните рати ќе се пресметува законска казнена камата.
Минатата година се спроведуваше сличен закон, но тој не даде никакви ефекти. За да нема повторно промашување, сега се предви глоби од 100 до 500 евра за раководните лица во државните органи за прекршок, доколку не постапат според законот во предвидениот рок.
Се очекува со овој закон да бидат опфатени над 150 илјади граѓани, претежно со понизок социјален статус, но нема поконкретни претпоставки колку средства би се отпишале како камати и колкав долг би се репрограмирал. Владата калкулира со податокот дека и онака тие долгови се тешко наплатливи и за нив би се воделе долги и скапи судски постапки.
ИЗВОР ВЕЧЕР