Кинезите се прилично строги кога станува збор за времето кое малолетниците можат да го поминат играјќи онлајн игри, а сега воведуваат и технологија која треба да помогне тие строги правила да се почитуваат. Пред две годин во Кина одлучија да воведат ограничување за малолетниците за играње игри онлајн и како причина ја наведоа зависноста од игрите која може да се појави кај децата и негативните ефекти врз менталното здравје и кратовидноста.
Оттогаш помладите од 18 години може да играат до 90 минути дневно во текот на работните денови, односно 3 часа дневно за време на викендите и на празници. Исто така, забрането им е да играат од 10 навечер до 8 часот наутро. За потврда на годините пред да играат мора да ги внесат своите податоци кои се поврзани со национална база на податоци, но дел од младите пронајдоа едноставен начин за да го прелажат системот и ги внесуваат податоците на возрасните. Компанијата Tencent, која направи некои од најпопуларните мобилни игри како Honor of Kings, одлучи да стави крај на таквата пракса и воведува технологија која во Кина е позната како полноќна патрола.
За да ги спречат малолетниците да играат игри во доцните ноќни саати и предолгото играње во текот на денот, покрај внесувањето на податоците, кинеската компанија во своите игри ќе имплементира технологија за препознавање лице. Значи, кога некој игра игри после 10 часот навечер или ако поминува повеќе време од дозволеното во игрите таа нова технологија ќе им ја активира камерата и ќе им го скенира лицето. Исто така, користењето на истата технологија се предлага и за купување производи за возрасни на интернет. Ико целта на тоа е да се спречат малолетниците да купуваат такви производи, тешко е да се замисли некој кога купува сексуално помагало да дозволи камерата да му го скенира лицето и да го провери идентитетот.