Министерството за здравство информира дека од денес граѓаните може да се вакцинираат за Ковид-19 без да закажат термин за вакцинација. Граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза вакцина ќе може да ја примат во пунктовите во здравствените, домови, болници или поликлиники во градовите, односно во постоечките вакцинални пунктови во здравствените установи.
Од денеска, како што најави министерот за здравство, ќе се дозволи вакцинирање на деца од 12 до 16 години со вакцината на „Фајзер“, што во овој момент е единствена вакцина која е дозволена да се користи согласно препораките во внатрешното упатство за оваа категорија на деца на оваа возраст. Министерот прецизира дека иако некои земји го воведуваат вакцинирањето на децата против Ковид-19 како задолжително односно тие нема да ги примаат децата на училиште доколку не се вакцинирани, вакцинацијата на децата нема да биде задолжителна.
Во спортските сали, ќе се врши масовна ревакцинација и таму нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин за вакцина. Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите од здравствените установи. Во Скопје вакцинарање без закажан тремин, ќе има во поликлиниките „Јане Сандански“, „Букурешт“ и „Чаир“, кои ќе работат од 7.30 до 19.30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во Поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7.30 до 14.30 часот.
За вакцинација, доволно е само желба и задолжително документ за лична идентификација, за здравствените работници да ги запишат вашите податоци и да бидете евидентирани во ситемот „Мој термин“.
Министерството за здравство апелира до граѓаните што помасовно да се вакцинираат, бидејќи единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација. Овие месеци се одличен период кога бројките на новозаразени и хоспитализирани се намалени, достапноста на вакцините е голема.