Едно од основните права кои ги уживаат жените како посебна заштита во работниот однос, е правото на заштита за време на бременост, раѓање и родителство. Заштитата во Законот за работни односи најпрво е поставена уште при самото известување дека некоја работничка е бремена.
Без разлика во која фаза на бременост се наоѓа, работодавачот е должен да воведе повеќекратно оценување на ризиците кои можат да влијаат на бремената жена, нејзиното неродено или новородено дете. Дополнително оценување на ризикот се применува и при промена на уловите за работа, опремата или машините.
Исто така работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете и слично.
Според Законот за работни односи работничка за време на бременост, раѓање и родителство има право на платено отсуство од работа во траење од девет месеца непрекинато, а доколку роди повеќе деца одеднаш (близнаци, тројка и повеќе) 15 месеци. Исто така и работничка која посвојува дете има право на отсуство до наполнување на деветмесечна возраст на детето, а доколку посвоила повеќе деца (две или повеќе) 15 месеци.
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Колку трае породилното отсуство во другите земји низ светот?
7% од вкупно 1.400 испитаници одговориле дека породилното отсуство треба да трае 9 месеци, како и до сега. „Поразвиени држави немаат ни 9 месеци породилно а тука сакаат 24 месеци!“ стои во еден од коментарите.
21% сметаат дека породилното треба да трае 18 месеци, како доволен временски период за мајката да закрепне, а детето да може да се адаптира во градинка, според коментарите.
35% или 483 испитаници сметаат дека отсуството треба да трае 12 месеци. „Правда за невработени лица во Македонија. Трудници на породилно, на нивно место невработени лица преку Завод за вработување.“ „Свесни сте дека и на мајката и треба социјализација со возрасни исто како и на детето што му треба социјализација со деца на негова возраст? 2 години се премногу, за 3 ич не правам муабет.“ – се дел од коментарите на испитаниците кои се изјасниле за оваа опција.
Најголем дел (37% или 510 испитаници) се одлучиле за опцијата породилното да трае 24 месеци. „Две години бидејќи е идеално време за градинка - детето е спремно за многу работи на кои не е спремно на 9 месеци.“ „Да биде здраво поколение да немаме потреба од лекари“.
Поделени мислења и различни гледишта, но бројките кажуваат едно, граѓаните сметаат дека породилното отсуство би требало да трае подолго од сегашните 9 месеци.
Кое е вашето мислење?