Согласно податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава просечната месечна исплатена нето плата по вработен изнесува 28.721,00 денари. Во однос на мај 2020 година, регистрирано е зголемување од 8,8% или 2.331,00 денари за една година.
Според статистика, ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето плата по вработен во секторите: Уметност, забава и рекреација (29.0%); Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (28.7 %) и Други услужни дејности (14.4 %).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (7.0%); Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (5.5 %) и Снабдување со вода; Отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (5.3 %).
Топ три сектори со највисока просечна исплатена нето плата по вработен во државата се: Информации и комуникации; Финансиски дејност и дејности на осигурување како и Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација.
Од Владата велат дека податоците на Државниот завод за статистика го потврдуваат трендот на раст на платите кој е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата.
„Доколку последниот податок го споредиме со јуни 2017 година кога просечната плата била 22.808,00 денари, разликата е 5.913,00 денари, или тоа е раст од 25,93%. Ако пак ја земеме просечната плата од јуни 2017 година и ја споредиме со јули 2013 година кога изнесувала 21.013,00 денари, согледуваме дека растот на платата бил 1.795,00 денари, или раст од само 8,54%. Посветени сме на реализација на стапките на економски раст од 4-5% и покачување на платите за 20% до 30% се со цел подобрување на стандардот на граѓаните и економијата во земјата“, велат од Владата.