Од ССМ велат дека уште за време на пандемијата ги предупредиле работодавачите да водат грижа за своите работници, затоа што ќе дојде време кога состојбата ќе се подобрува и повторно ќе има голема побарувачката на работа сила
Во моментов близу осум илјади огласи се објавени на Агенцијата за вработување, а од друга страна над 16 илјади лица останале без работа токму поради Ковид-19. Продавачи, келнери, готвачи, сметководители, се само мал дел од огласите кои се објавени на сајтот на агенцијата.
Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека интересно е тоа што дел од огласите се за во текстилниот сектор и покрај најавите за отпуштање на работници од таму. Велат дека и во екот на туристича сезона недостасува кадар за работа и во угостителството и во туризмот. Посочуваат дека уште на самиот старт од пандемијата предупредиле дека ќе дојде до ваква состојба, кога се потешко ќе се наоѓа потребниот кадар.
– Денеска од огласите за вработување во АВРМ може да се види дека и покрај најавите за отпуштања во текстилниот сектор, најголем број на огласи за вработување се токму во овој сектор, но најчесто за плата од 15.200 денари, па работниците се повеќе и повеќе својата егзистенција ја бараат во другите подобро платени сектори или пак се иселуваат од Државата, па многу лесно може да се случи, за брзо време во овој сектор каде што најмногу се прекршуваа работничките права, газдите, наместо газди, поради недостиг на работници да се пријават во АВРМ како баратели на работа па да станат работници и да имаат потреба од заштита од синдикатот против кој денес се борат. Ситуацијата сега во екот на туристичката сезона е подраматична во угостителскиот сектор, кој го доживеа најголемиот удар за време на пандемијата. На компаниите од угостителството и туризмот им недостига 50% од потребниот кадар, пред сѐ келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, а тоа го покажуваат резултатите од интерната анкета која била спроведена од една од коморите, а некои податоци покажуваат дека од почетокот на кризата од 4 илјади до 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор, велат за Денар од Сојузот на синдикати на Македонија.
Од ССМ уште за време на пандемијата ги предупредиле работодавачите да водат грижа за своите работници, затоа што ќе дојде време кога состојбата ќе се подобрува и повторно ќе има голема побарувачката на работа сила.
– Доколку односот од страна на работодавачите спрема работниците е лош, тогаш работниците со сигурност нема да се вратат на работа и својата егзистенција ќе ја бараат во некоја од европските земји, што и денес е случај. Најмногу поплаки од страна на работниците или околу 40% од обезбедената правна помош за 80.000 работници од страна на ССМ во време на пандемија, беше поради неисплаќање на плати или незаконско исплаќање на плати, па се покажа дека поради таквиот однос на работодавачите, денес кога потребата и побарувачката од работна сила е зголемена, работници нема, а работниците наместо да ја градат македонската економија, ќе ја градат економијата на некоја друга држава. Голем проблем што овие огласи не се пополнуваат е тоа што платите кои се нудат се многу ниски, додаваат од ССМ.
Од Конфедерацијата на работодавачи пак посочија дека поради пандемијата одредени сектори згаснаа, но за одредени има недостаток на работна сила.
– Бизнисот доколку е паметно и долгорочно управуван од страна на менаџерите секогаш има потреба од добри работници, но во моментов потребата од работна сила во повеќето случаи е концетрирана на брзи решенија и резултати. Поврзано со претходното, договорите се со одреден термин и работна задача. Во врска со слободните работни места а паралелно со изгубените работни места од пандемијата, заклучокот е дека одредени сектори згаснуваат и се затвораат, а за одредени сектори недостасуваат квалификувани работници. Решенијата треба да се бараат во мерките за намалување на невработеноста, вели за Денар Миле Бошков, претседател на конфедерацијата на работодавачи.
Според податоците, најголем дел од работниците кои за време на пандемија останале без работа се со договори на определено време. Затоа од ССМ потенцираа дека бараат во новиот закон за работни односи времетраењето на овие договори да не биде подолго од една година. Од таму тврдат дека како синдикат доста придонеле за едуцирање и поголемо информирање на работниците, па затоа според нив е завршено времето кога луѓето прифаќале работа за ниска плата и без соодветни услови за работа.
Инаку според АВРМ бројот на невработени по разни основи надмина 140 илјади лица.