Општина Аеродром годинава за првпат доделува по 3.500 денари за секој првоодделенец. За оваа цел, општината има издвоено 2.800.000 денари од сопствениот буџет.
„Целта на проектот е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете“, изјави градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.
Родителите на сите првачиња запишани во некое од училиштата на територијата на општината, од денеска (20 јуни) можат да поднесат барање за еднократната парична помош најдоцна до 31 август годинава. Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 09.00 до 15.00 часот во канцеларијата број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена околу почетокот на учебната година, информираат од општината.
Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со првоодделенец во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет-страница во менито за формулари или директно на следниов линк.
Во прилог на барањето на увид потребно е да се достават следните документи, кои треба да се оригинал, а не копија:
1. Потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2018/2019 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром
2. Оригинал извод од матичната книга на венчаните (за родителите/старателите на првачето)
3. Оригинал извод од матичната книга на родените (за првачето)
4. Важечки лични карти од двајцата родители, за идентификација од која се видни податоците за живеалиштето во Општина Аеродром
5. Tрансакциска сметка од примателот на паричната помош (на еден од родителите/старателите)
извор: макфакс.ком.мк