Најмалку три шумски пожари сѐ уште се активни на територијата на Куманово и Старо Нагоричане.
Според последните информации на Регионалниот центар за управување со кризи од утринава, активни се пожари во селата Мургаш, Дренак и Јачинце.
Во селото Дренак гори шума од вчера попладне. Пожарот избувнал во 12:35 часот, а на терен сѐ уште утринава биле тројца пожарникари со едно противпожарно возило. Вчера во гаснење на пожарот таму учествуваше и хеликоптер.
Пожарот во селото Мургаш кој вчера беше изгаснат повторно се разгорел во 17:20 часот и на терен се тројца пожарникари. Првично огнот избувна пред два дена кога зафати голема површина шума, а страдаа и неколку куќи. Според информациите до терен дел од куќите биле населени, дел празни, но предизвикана е голема материјална штета.
Активен пожар има и во атарот на селото Јачинце. Пламените јазици започнале да се шират вчера попладне, а околу 17 часот на терен излегла екипа од кумановската противпожарна единица. Според билтенот на РЦУК пожарот е сѐ уште активен и утринава во 04:00 часот повторно е упатена екипа на локацијата.
Пожарите во Мургаш и Јачинце се всушност на ист ридски појас наречен Липец и опфаќа неколку села.