За многу Балканци, Германија е нивната верзија на Ел Дорадо, земја во која може добро да се живее. Дали е навистина така, може јасно да се види во податоците за платите објавени од Федералното биро за статистика
Просечниот приход во 2020 година во Германија изнесуваше 47.700 евра бруто (пред оданочување), што значи дека во текот на првата година од пандемијата, приходот паднал во просек за 300 евра во споредба со претходната година. Потсетуваме дека просечниот приход е просечната вредност на бруто платата на сите вработени во Германија.
Посебните плаќања, како на пример одмори или бонуси, не се вклучени во податоците анализирани од експертите.
Колку луѓе заработуваат во различни индустрии во Германија? Користејќи ги најновите статистички податоци, германскиот деловен весник „Ханделсблат“ состави специјален извештај во кој се анализираат просечните приходи на вработените во Германија и покажува како тие варираат во зависност од индустријата, регионот и полот на вработените.
Извештаите покажале дека големите разлики во месечната заработка зависат од секторот во кој работат. Податоците од Федералното биро за статистика покажуваат дека вработените кои работат во финансиските и осигурителните услуги и во ИТ секторот заработиле најмногу во 2020 година. Тие добивале просечно од 5.248 до 5.602 евра месечно (бруто). Најмалку заработувале вработените во угостителската индустрија, со просечна бруто плата од 1.893 евра месечно.
По градови, според анализата на Федералниот завод за статистика, вработените во Германија со полно работно време заработуваат најмногу во Хамбург, со просечен месечен бруто приход од 4.966 евра. По Хамбург, на второ и трето место се државите Хесен и Баварија. На дното на скалата е Мекленбург-Западна Померанија, каде вработените со полно работно време заработуваат 3.379 евра бруто месечно.