Се уште е алармантна ситуацијата со пожарите во Македонија. Според последните податоци што ги соопшти вчера директорот на ЦУК, во земјава се активни 10 пожари.
Најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод, како и во регионот на Пехчево и Делчево.
Пет хеликоптери во овој момент ќе полетаат кон Пехчево, соопшти директорот на ЦУК.
Утринава беше испратен само еден со цел да направи извидување на состојбата, а како што напиша на Фејсбук директорот на ЦУК, во овој момент полетуваат трите српски и уште еден наш хеликоптер. Вкупно 5 хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар.
Поради алармантноста на ситуацијата, Управувачкиот комитет го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предложи на Владата да донесе одлука за постоење кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена.
Владата денеска ќе одржи седница на која ќе го разгледа ваквиот предлог, пренесе МКД.Мк.
„Состојбата се менува од час во час. Однапред не можеме да предвидиме како ќе се однесуваат пожарите зашто исклучително сувата вегетација, високите температури и ветерот придонесуваат за нивно брзо ширење и менување на правците“, изјави директорот на ЦУК.