Жителите на унијата во просек трошат по 125 литри вода дневно, додека македонските граѓани по 323 литри дневно. Во тек на летниот период скопјани трошат по над 500 литри дневно, а во рекордните денови и над 640 литри дневно.
Рестрикции на вода за пиење изминативе недели имаше или и натаму има и во Градско, додека во Скопскиот регион во изминатиов период од периодичен недостиг од вода за пиење се жалеа граѓани од Љубанци и Сопиште, а жителите на Кучково протестираа поради немањето вода за пиење.
Податоците на ЕВН Македонија, пак, покажуваат дека во јули годинава биле потрошени 11 отсто повеќе струја отколку во истиот месец минатата година.
„Најголема потрошувачка во изминатиот месец е регистрирана на 15 јули (четврток) и изнесува 17.113 MWh кој е и еден од најтоплите денови овој период, со минимални 22°С и максимални 39°С, а се измерени на скопскиот Аеродром“. Слична е ситуацијата и во земјите од соседството кои се погодени со топлотен бран.
Во ЕВН велат дека електродистрибутивната мрежа во земјава во моментов е во стабилна состојба и солидна кондиција и оти потрошувачката на струја е очекувана за овој период од годината.
И покрај огромните горештини и трошењето струја за разладување, во Македонија многу повеќе струја се троши зимно време. Најголема потрошувачка на струја годинава е регистрирана на 14 февруари и изнесува 27.417 MWh, што е за скоро 60 отсто повеќе од најголемата потрошувачка во лето. Во изминатата деценија најголема потрошувачка е забележана на 12 јануари 2017 година (четврток) и изнесува 28.657 MWh, велат во ЕВН.
извор: slobodnaevropa.mk