ПЦР тестови, проверка на антитела, д-димери, пост ковид пакети за проверка на здравствената слика, се дел од услугите кои ги нудат приватните лаборатории и болници. За време на пандемијата се чекаше и до една недела за „Мој термин“ за ваква проверка, додека приватните лаборатории и клиники поажурни во работата ги привлекоа пациентите со брза информација за нивната здравствена состојба. Стравот кој го донесе пандемијата со ковид-19 ги натера македонските граѓани да „брцнат длабоко во паричникот“ и да платат понекогаш и повеќе за брза информација, дали се позитивни на ковид-19 или не.
Бизнисот на медицинските лаборатории особено летово почна да „цвета“. Капацитетот на лабораториите кои прават ПЦР – тестови летово порасна за дупло во однос на почетокот на годинава. Ако пред неколку месеци на дневна основа се правеа по 3 ипол илјади тестови, пред една недела беше постигнат рекорд во изработка на ПСР тестови. Дел од европските држави не ги признаваат македонските сертификати за примени вакцини па за престој на нивна територија бараат негативен ПЦР не постар од 48 часа.
Цените за еден ПЦР тест летово се движи од илјада до 2 ипол илјади денари. Цените на рапид тестовите се од 500 до илјада денари.
Над 16 милиони евра потрошиле македонските граѓани во приватните болници и институции за да проверат дали се позитивни на ковид-19 или не. До овој податок се доаѓа со пресметка на просечната цена од вкупниот број на направени ПЦР тестовите во приватните здравствени институции.
Но, реално оваа сума е поголема затоа што на почетокот на пандемијата во одредени клиники тестирањето изнесуваше 4, 5 па и 6 илјади денари, а дополнително за итните тестови чии резултати се добиваат за помалку од еден час во приватните болници се плаќа и до 100 евра. Дел од граѓаните кои сакале да направат тест, а не можеле да добијат „Мој термин“ поради лична информација или за службени патувања, тоа го сториле со приватно тестирање во државните институции каде што цената е од 1500 до 2500 денари по што расте и вкупната сума. На ова може да се додаде и податокот дека дел од граѓаните во паника честопати купуваат и брзи тестови од аптека кои изнесуваат околу 500 денари.
извор: www.slobodnaevropa.mk