Министерството за здравство информира дека на вакцинираните граѓани на располагање им се ставени повеќе опции со кои може лесно да стигнат до документ дека се вакцинирани. Веќе од вчера, во угостителски објекти или на други настани, каде има повеќе од 30 луѓе, дозволен е влез само за граѓани кои се вакцинирани, со две дози вакцина, примиле една доза вакцина, или пак прележале Ковид-19, пред 45 дена.
Според здравствените власти, потврдата за прележан Ковид-19, може да ја извадат единствено граѓани кои се заведени во ИЈЗ дека биле заразени со вирусот, а потврди освен на vakcinacija.mk, може да извадат и кај својот матичен лекар. Националниот сертификат за вакцинација, исто така може да го извадат од сопствениот профил на бев страницата vakcinacija.mk, а сличен е принципот и за вадење на CommonPass,за кој има и мобилна апликација, а со која исто така може да влезат во објектите опфатени со мерките.
Министерството за здравство апелира и ги повикува граѓаните да се вакцинираат.
„Вакцинацијата е единствен начин да постигнеме колективен имунитет, мерките кои се практикуваат од вчера не се никаква дискриминација, туку се неопходни за да се заштити јавното здравје“, велат од ресорното министерство.