Ширењето на делта сојот ја сопре намерата на голем дел од американските компании, да ги вратат своите вработени во канцелариите. Ова за работниците е добра вест.
Контролираат колку заработувате, што работите, па дури и кога треба да бидете на интернет. Но, ако покажа нешто минатата недела, тоа е дека најголемите американски компании – оние на Волстрит и во Силиконската долина, но и компаниите во другите економски зони – сега се борат да ја задржат контролата „над местото каде би требало да ја работат својата работа“.
За само неколку денови, Амазон го одложил враќањето во канцелариите за неколку месеци – корпоративниот персонал ќе се врати во јануари 2022 година. BlackRock Inc. и Wells Fargo & Co. го одложиле враќањето од септември за октомври оваа година.
Сето ова се случува по неодамнешните одложувања во компаниите како Ејпл, Гугл и Лифт. Причина за одложувањето? Гигантите изреагирале на брзото ширење на делта сојот од вирусот Ковид – 19.
Професорот по економија на Универзитетот Стенфорд кој ги проучувал трендовите на работа од дома, Ник Блум, вели дека „делта сојот веројатно е последната шајка на ковчегот на петдневната работна недела“.
Според неговите зборови, воспоставениот режим на работа кој подразбира да одиме на работа пет дена во неделата – и понатаму бил опција по почетокот на пандемијата пролетта 2020 година, секако, кога таа ќе заврши, но „станувал се помалку веројатен откако короната рапидно се раширила и во 2021 година“.
Компаниите кои се соочуваат со недостаток на работници морале да понудат се поповолни пакети за работа од дома. Тоа на вработените им дало време да се навикнат на состаноците преку ЗУМ, дремење за време на ручекот и поголема флексибилност кога станува збор за балансирање помеѓу работата и семејството, пишува Блумберг.
Размислите само за тоа: некои вработени не зачекориле во своите канцеларии веќе речиси 18 месеци. Додајте ја на тоа загриженоста поради делта сојот и како краен резултат ќе добиете работници на кои им олеснило кога слушнале дека уште некое време нема да се враќаат на работа.
Една 27 годишна работничка во Амазон (одделение за стратешки развој), признала дека била возбудена кога слушнала дека се одлага враќањето во канцелариите. „Дома сум посигурна. Некогаш долго патував до работа, а сега не морам да се грижам дали ќе задоцнам или ќе пронајдам паркинг“, рекла таа.
Според новото истражување на осигурителното друштво „Бриз“, околу 65 % од американските работници кои рекле дека можат да работат од далечина во потполност – навеле дека би прифатиле и плата помала за 5 %, доколку тоа би значело да продолжат да работат од дома.
Дел од работниците се подготвени да одат многу понатаму: неодамнешното истражување, спроведено на 1,000 возрасни Американци, покажало дека 39 % од нив размислувале да дадат отказ, доколку нивните работодавачи не се флексибилни во поглед на работата од далечина. Таа бројка, потоа, скокнала на 49 %, кога станува збор за помладите работници.
Од друга страна, многу вработени би сакале да се вратат во канцелариите, барем на дел од времето.