Откако Хрватската народна банка (ХНБ) на крајот на јули објави дека ќе се промени режимот за одобрување на минуси на тековните сметки, граѓаните почнаа да добиваат известувања од банките дека за месец – два, или најдоцна до почетокот на идната година ќе им ги намалат таканаречените премолчени минуси.
Загрепски Вечерњи лист пишува дека банките им нудат на клиентите едногодишни заеми за да се затвори износот на пречекорувањето. Имено, банките нудат два вида минуси на сметките – дозволено и премолчено. Дозволеното го користат само 32.000 граѓани, а дури 840.000 премолченото, а нивното намалување ќе значи голем удар за стандардот.
ХНБ тврди дека иницира измена на законот со цел да ги заштити корисниците на премолчени минусни салда од превисоките каматни стапки, но останува нејасно како луѓето се нашле во ситуација банките да им наплатуваат камата која што е двојно поголема од дозволената од закон?
Каматните стапки за премолченото пречекорување се движат од 8,11 до шокантни 17,4 проценти. Во просек, тие се околу 11 проценти. А, законот што го донесоа поранешните министри за финансии на СДП, Славко Линиќ и Борис Лаловац, им забрани на банките да им наплатуваат на граѓаните камата над максимално дозволената, што во моментов изнесува 8,11 проценти.
Во ситуација кога каматната стапка на заштедите е околу 0,005 проценти, а државата се задолжи со каматна стапка од 0,01 проценти во август, пресметувањето камата на премолчените минусни салда од 11, 15, 17,4, но и 9 отсто изгледа како грабеж, оценува загрепскиот весник.