Кога станува збор за пари, се чини дека многумина забораваат некои основни бон-тон правила што треба да ги почитуваат.
На пример, многумина не земаат предвид дека нивниот пријател заработува трипати помалку од нив кога му се жалат за финансиски проблеми. Или, некои мислат дека имаат право да коментираат за тоа како некој ги троши своите пари што ги заработил сам.
Не коментирајте за тоа како некој ги троши парите
Коментарите за тоа како некоја личност ги троши парите не само што се неучтиви, туку и целосно непотребни.
Ако, на пример, сакате да одите во скап ресторан со пријател кој знаете дека има голема плата, а тој не сака да троши многу пари за тоа, не дофрлајте коментари како „Зарем немаш доволно пари?“ и слично. Со ова сигурно нема да му го смените мислењето, а можно е да си го нарушите односот. Секој сам си одлучува како ќе ги троши своите пари и тоа не треба да ве засега вам.
Земете ја предвид финансиската состојба на сите кога правите заеднички планови
Ако знаете дека некој пријател исплаќа долгови, сака да штеди за нешто или, едноставно, има многу ниска плата, немојте да го терате да оди на скапо патување и слично само затоа што другите пријатели можат да си го дозволат тоа. Кога правите заеднички планови, треба сите кои учествуваат да се во можност да ги покријат трошоците. Па, не ги ставајте пријателите во непристојна ситуација само затоа што вие заработувате повеќе од нив.
Истото важи и за купување подароци
Кога треба да купите заеднички подарок, без разлика дали за колега или пријател, немојте сами да одредувате по колку пари ќе давате. Подобро прво информирајте се кој колку може да даде, а потоа договарајте се што ќе купувате за таа сума.
Фер делење на сметки во ресторан
Кога одите во ресторан со повеќе луѓе, најлесно е да ја поделите сметката еднакво. Но, ако некој испил само една пијачка, додека вие сте се нагостиле со најскапиот специјалитет, не е во ред да го терате да плаќа за вас. Можеби таа личност не порачала ништо друго бидејќи нема доволно пари, па ќе ја ставите во многу неповолна положба кога ќе ја натерате да плати повеќе. Ако сите сте изеле/испиле приближно исто, поделете ја сметката, но во спротивно најдобро секој да си плаќа за себе.
Не барајте бесплатни услуги од пријателите
Ако вашиот пријатели е фотограф, а вам ви треба некој што ќе фотографира некој настан, не очекувајте пријателот да го направи тоа бесплатно. Ова важи и ако ви треба слика од пријател уметник, парче облека од пријател дизајнер…
Немојте да се жалите за финансиски проблеми пред пријатели кои заработуваат помалку од вас
Немојте да му се жалите на пријателот дека не можете да си купите нов автомобил ако знаете дека тој едвај има пари за велосипед.
Ова не значи дека и вие немате финансиски проблеми, но пријателот кој заработува помалку е сигурно во полоша состојба, па не би било добро да му се жалите нему.
Заборавете на прашањето „Колку пари го купи ова?“
Колку го купи фустанот, колку плати за одморот, колкава ти е киријата – сето ова се прашања кои можат да направат соговорникот да се чувствува многу непријатно, без разлика дали платил многу или малку пари. Покрај тоа, нема што вам да ве интересира колку потрошил некој за нешто. Ако, пак, вам ви постават вакво прашање, едноставно кажете дека не сакате да зборувате за тоа. Или, подобро, прашајте ја личноста зошто ја интересира.
Исплаќајте им ги долговите на пријателите
Во ред е некогаш да позајмите пари од пријателите, но потрудете се да ги вратите. Ако знаете дека ќе ви требаат 2-3 месеци за да му ги вратите парите, немојте да му викате дека ќе ги вратите следната недела.
Ако не знаете дали ќе можете да му вратите, кажете го и тоа. Ако во овој случај пријателот ве одбие, немојте да се лутите – никој не е должен да ви дава пари ако не сака.