Непочитување на договорите, несигурни договори и неисплаќање на заработената плата – се само некои од проблемите со коишто се соочуваат почетниците – работници во Србија, пишува Бизнис Телеграф.
Сепак, мора да се напомене дека со вакви проблеми се соочуваме и во Македонија. Иако овој текст е наменет за Србија, не изостанува фактот дека слична е ситуацијата и кај нас.
Не е така мал бројот на оние кои, како почетници во работата, доживеале разни непријатни искуства. Доволно е да им се случи само едно, за да се обесхрабрат и демотивираат за понатамошно напредување во кариерата, пишува авторката на текстот за Бизнис Телеграф, Бојана Ѓорѓевиќ.
Општо е познато дека студентите, во текот на студиите или во текот на завршната година, пополека започнуваат да бараат работа, па макар и пракса. Треба да се каже дека постои и терминот платена пракса којашто во главно се почитува во странство.
Под тој поим се подразбира дека се уште ја учите работата или го „печете занаетот“, било да сте излегле од факултет или средно училиште, но и дека без оглед на тоа што сте почетник – треба да добиете одредена сума на пари за својот труд.
Сепак, во реалност, тоа баш не е така идилично. Како прво, за таков вид на ангажман не постојат договори или постојат т.н. авторски договори кои им се даваат дури на лицата на полно работно време, односно вработување. Освен тоа, работодавачите неретко таквите договори ги пролонгираат се додека им дозволува законот.
Потоа често се случува да му дадат отказ на лицето на кое му истекол максималниот рок за продолжување на овој вид на договор и на конкретното работно место да донесат ново лице, со што истата пракса се врти во круг.
Што кога ќе ве остават на цедило?
Да речеме, според искуствата на многу граѓани, ова е честа пракса во во многу компании. Секако, не се спорни само договорите, во смисла дали работите на (не)определено време и какви права имате во компанијата, туку и самата плата.
Имено, има случаи – и тоа не малку – каде луѓето потпишуваат договор поврзан за еден износ, а потоа на крајот од месецот добиваат една половина помалку или пак исплатата доцни или ја нема. Ова се случува во индустриите како што се промоција и презентација, продукциските куќи, но и во доменот на самостојно преведување на текстови.
Но, ова е само еден дел од приказната. Вистина е дека вакви „измами“ има во секој сектор. Со други зборови, разни работодавачи ги користат „дупките во законот“ или користат трикови за да профитираат, на грбот на работникот, односно на нивните плата, денови за одмор, боледување.
Бизнис Телеграф на почетокот од годината пишуваше за тоа како изгледа кога, уште една компанија во низа која работи во Србија, одеднаш исчезне и ги остави работниците на цедило. Не е мал бројот на компании кои „исчезнуваат преку ноќ“, ги бришат сите траги, а оставаат долгови.
Исто така треба да се спомене дека кај граѓаните не е до максимум развиена свеста за тоа кои им се правата на работното место (ова важи и за граѓаните на Македонија), но неретко и да се свесни, не можат да направат ништо околу тоа.