Поради влошената епидемиолошка состојба во Србија денеска заседаваше Кризниот штаб. По состанокот премиерката Ана Брнабиќ соопшти дека засега нема воведување нови мерки, но дека државата се подготвува за воведување ковид сертификати.
„Се подготвуваме за воведување ковид сертификати, тоа е одлуката од состанокот. Ќе следуваат состаноци со надлежните институции за се да биде во согласност со Уставот и човековите права. Сертификатите ќе бидат за местата каде присуството не е есенцијално – ноќни клубови, барови, кафулиња, ресторани. Нема да бидат потребни за продажните објекти затоа што тое е нереално и противуставно“ – рече Брнабиќ.
Таа потенцираше дека државата направила се што било потребно во борбата со пандемијата, а дека граѓаните требало да ги слушаат лекарите и да се вакцинираат.
„Навистина веќе не знам што да кажам на оваа тема. Вакцинирајте се. Постои нешто што се вика индивидуална одговорност и одговорност кон заедницата, не може државата се да направи“ – смета српската премиерка.
Во последните 24 часа во Србија се регистрирани 5.461 нов случај на Ковид-19. Починале 27 лица. Во земјата во моментов има 132 ковид пациенти на распиратор.