Од вкупно пристигнати 21.693 апликации пристигнаа во рамки на првиот рок за аплицирање за субвенциониран студентски оброк се прифатени 18.149 апликации, соопштија од Министерството за образование. Оттаму појаснија дека првиот повик, кој траеше од 1 до 30 август, беше наменет за студентите од втора и повисоките години на студии.
Сепак, оние кои не успеаја да аплицираат на овој повик ќе добијат втора шанса. Така, на следниот повик за аплицирање за субвенција за студентски оброк, кој ќе се отвори на 1 октомври и ќе трае до крајот на месецот, ќе може да аплицираат бруцошите, но и останатите студентите кои не стигнаа да аплицираат првичниот повик.
На сите кандидати кои добија позитивно решение, тоа им е испратено на електронската адреса која ја имаат наведено при поднесување на апликацијата, а истото може да се најде и во самата апликација на порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ (во менито „мои апликации“) и да се преземе од таму.
Начинот на аплицирање е дигитализиран, односно пријавувањето се спроведува исклучиво електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/ , со прикачување на само два документи – пријава и изјава за точност на податоци и се наведуваат податоци за лична трансакциска сметка.
Субвенционираниот студентски оброк е системско решение уредено со закон, со кое студентите од државните и приватните факултети за време на студирањето ќе добиваат по околу 2.400 денари 9 месеци во годината.
Извор: radiomof.mk