При посетата во Вашингтон во јули годинава Меркел беше запрашана како си го замислува пензионерскиот живот. Иако во други прилики го избегнуваше одговорот, овојпат стави до знаење дека најпрво сака да има мала пауза и дека не планира да прифаќа покани за настани.
Прво мора „да ѝ легне“ дека нејзините досегашни задачи „сега ќе ги извршува некој друг“. Потоа додаде: „Мислам дека тоа многу ќе ми се допадне.“ Во новостекнатата слобода сакала да размислува „што всушност мене ме интересира“. Изминатите 16 години немала многу време за да размислува за тоа. Со скриена насмевка, канцеларката, која во тој момент беше прогласена за почесен доктор на Џон Хопкинс Универзитетот, додаде: „Потоа можеби ќе се обидам нешто да прочитам, па ќе ми се затвораат очите бидејќи сум уморна, па малку ќе дремнам, и ќе видиме кога ќе се разбудам каде ќе се појавам.“
Меркел наполни 67 години на 17 јули годинава. Од финансиски аспект таа нема причина за грижи. Како канцеларка заработува 25.000 евра месечно. Дополнително на тоа има уште 10.000 евра кои ѝ следуваат како пратеник во Бундестагот, во чиј состав е повеќе од 30 години. Кога ќе си замине од функцијата, во првите три месеца и натаму ќе ја добива актуелната плата, а потоа во период од максимум 21 месец половината од неа како апанажа.
За нејзината пензија ќе се пресметуваат различните права кои произлегуваат од функцијата канцелар, министерка и пратеник. Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба. Пензијата ќе биде петцифрена, а основата за неа е таканаречениот Закон за сојузни министри од 1953 година.
Меркел ја има таа предност што многу долго била во служба
На канцеларите кои поминале минимум 4 години во служба им следуваат 27,74% од нивната дотогашна плата. За секоја наредна година на функцијата цифрата се зголемува за 2,39167% до максимална вредност од 71,75% од вкупната сума.
Кога ова ќе се пресмета, Ангела Меркел може да смета на пензија од околу 15.000 евра месечно. Освен тоа, до крајот на животот има право на обезбедување и службено возило со возач, како и канцеларија во просториите на Бундестагот во Берлин сосе вработени, меѓу кои и двајца референти и една секретарка.